Ѕвездата на „Брилијантин“ ја загуби битката со тешката болест

Оливија Њутн Џон, австралиска музичка ѕвезда, која ласкавиот статус и слава ги стекна во култниот мјузикл „Брилијантин“, почина во понеделникот, во 73-та година од животот. Тажната вест ја потврди нејзиниот сопруг, Џон Естерлинг, на социјалните мрежи.
– Оливија утрово почина мирно во својот дом во јужна Калифорнија, опкружена со семејството и пријателите. Ве молиме да ја почитувате приватноста на семејството во овие тешки мигови. Таа беше симбол на триумф и на надеж и повеќе од 30 години го дели своето животно патување со ракот на дојка – напиша сопругот на Оливија.
Тој додаде дека „нејзината верба во оздравувањето и пионерското искуство со билната медицина ќе продолжи со работата на фондацијата ’Оливија Њутн Џон‘, посветена на истражувања на растителни лекови во третирањето на канцерот“.
Во 2017 година, Оливија откри дека ракот на дојка, од кој боледувала во 1992 година се вратил и се проширил на коските. Исто така, откри дека имала и втора дијагноза на рак во 2013 година, но таа вест ја чувала од очите на јавноста.
И покрај сѐ, таа силно верувала дека ќе ја победи болеста, иако цели 30 години водела тешка битка со неа и се трудела секогаш да биде оптимист. Никогаш не ја симнувала насмевката од лицето, а редовните активности, како што се курсевите по танцување, на кои одела со ќерка си, ѝ помогнале да остане во одлична форма.
Оливија е родена во 1948 г. во Кембриџ, Англија, а кога наполнила шест години, со семејството емигрирала во Мелбурн, Австралија.

Во 1970-тите и во 1980-тите важеше за секс-симбол, додека во култниот филм „Брилијантин“ заигра и запеа со Џон Траволта, каде што ја играше Сенди Олсон и стекна светска слава. Траволта веднаш по објавата на тажната вест, на социјалните мрежи се прости од почитуваната колешка.

– Моја најдрага Оливија, ги направи нашите животи многу подобри. Твоето влијание беше неверојатно. Многу те сакам. Ќе се видиме на патувањето на кое повторно ќе бидеме сите заедно – напиша Траволта под фотографијата на Оливија.
Инаку, глумицата и пејачка стана позната со својот безвременски хит „Physical“, објавен во 1981 година, кој 10 години подоцна списанието „Билборд“ го прогласи за најатрактивна песна на сите времиња, заедно со спотот снимен за неа. Освен успешната кариера, чиј дел се и четири освоени награди „греми“ и продадени повеќе од 100 милиони плочи, Оливија ќе остане запаметена и како активистка. Во 2012 изјави за магазинот „Обсервер“ раскажа како гледала на својата болест.
– Ракот може да биде просветлувачки. Кога си болен, не е важно дали имаш пари или не, нема разлика. Се чувствувам благословено затоа што добив шанса да живеам – рекла во таа пригода Оливија.
Њутн Џон зад себе ги остави сопругот Џон Естерлинг и ќерката Клои Роз Латанзи.