Околу 230 кита заринкаа на западниот брег на Тасманија, само неколку дена откако 14 грбави китови беа пронајдени на плажа на југоисточниот брег на островот, пренесува АП. Се верува дека станува збор за пилот-китови и најмалку половина од животните сѐ уште се живи, соопшти Одделот за природни ресурси и животна средина на Тасманија.

Извршниот директор на Советот на Западниот Брег, Дејвид Мидсон, ги повика луѓето да не им приоѓаат на китовите.
– Китовите се заштитен вид и прекршок е да се допира дури и мртов кит – рече Мидсон.

Откако на островот Кинг, кој припаѓа на Тасманија, неодамна беа откриени 14 грбави китови, поморскиот научник Олаф Мајнеке од универзитетот „Грифит“ рече дека е невообичаено китовите да се исфрлат на брегот и додаде дека потоплите температури исто така може да ги променат океанските струи и да ја сменат храната што ја консумираат китовите.
– Тие ќе одат во различни области и ќе бараат различни извори на храна. Кога го прават тоа, тие не се во најдобра физичка кондиција бидејќи можеби гладуваат, па тоа може да ги наведе да преземаат повеќе ризици и да се доближат до брегот – рече Мајнеке.

Во претходните години беа забележани многу заринкувања на пилот-китови, но причините за тоа не им се сосема јасни на научниците. Пред две години, на истото место, во близината на западниот брег на Тасманија, беа пронајдени околу 470 пилот-китови. По една недела напори, 111 од тие китови беа спасени, но другите умреа.