Поимот одложување е поврзан со доброволна активност во која човекот, иако е свесен за негативните последици, го одложува она што треба да го направи: не учи, не менува бесмислено работно место, останува во лоша врска
Сѐ почесто го слушаме терминот одолжување во јавното говорење, од пријателите и особено на социјалните мрежи. Овој збор значи одложување на некоја работа или одлука за утре или друг ден, а зад тоа стојат различни причини: понекогаш сосема наивни, понекогаш во согласност со расположението и ситуацијата, а понекогаш се толку силни што човекот не може да оствари ништо од своите идеи.
Колку пати сте си кажале дека ќе направите нешто утре, а тоа не е нешто неважно, туку нешто од што зависат вашата кариера, приход и подобар квалитет на живот? Не постои личност што не ги одложува работите во животот. Некои го прават тоа почесто, некои поретко, но одолжувањето е составен дел од животот.
Стравот како кочница
Станува збор за доброволна активност и личноста е свесна за негативните последици што ќе настанат, но, без разлика на тоа, го одложува она што треба да го направи. Го одложува учењето за испит, ја одложува одлуката за промена на начинот на живот, ја одложува одлуката за прекин на лоша врска или отказ од бесмислена работа, како и барање подобра работа, партнер и сѐ друго што е составен дел од животот на луѓето.
Вообичаено, причините за одложување се бараат во самата личност. Некој чувствува страв или има ниско ниво на толеранција за фрустрација, други поради желбата за совршенство не започнуваат со работа или активности, бидејќи ја штитат својата самодоверба. Или, според современите хедонистички принципи, човекот претпочита да прави нешто што е предизвик, интересно или што сака, наспроти нешто што е досадно. Притоа, секој од нас знае дека не постои работа или активност, колку и да изгледа интересно однадвор, што не содржи повторување и монотонија во поголема или помала мера.
А рецептите за надминување на одолжувањето одат во позната насока: поставете приоритети и наградете се за сработеното, направете потсетник, размислете зошто не сакате да направите нешто навреме, замислете позитивен исход, променете ги ирационалните верувања и слично. Овој пристап најчесто е успешен.
Одложувањето може да биде и одраз на социјалните околности. Се случува некој да сфати дека со својот труд нема да го добие она што го сака, бидејќи општествените околности се неохрабрувачки, ригидни и не дозволуваат иницијатива. Убедувањето дека може да се надмине со упорност не помага ниту ако наиде на опструкција, вознемирување и неможност за остварување на своите права, од кои некои се банални, некои суштински.
На пример, сте купиле производ и има грешка или е расипан и одложувате да го рекламирате. Го мразите тоа затоа што знаете дека треба да пополнувате формулари, да го чекате одговорот, па дури и можното објаснување дека производот не бил наменет за тоа и дека е ваша вина. Другите ситуации се уште посериозни: сте започнале претприемачки бизнис, но наидувате на многу пречки во државната администрација, неажурност, бавност, никој не ве информира и не ве поучува, туку ви се закануваат со можни казни.
Или имате шеф или работите со колега што ја „убива“ секоја иницијатива, не знае како да се однесува и не е вешт на позицијата што ја извршува. Разговорот за проблемите и несогласувањата се одложува до самиот крај, кога човек или ќе „пукне“, ќе доживее катарза или ќе се помири со судбината. Ако човекот се помири со ситуацијата, доаѓа до општ пад на мотивацијата, работата се одложува и целта е само да заврши сѐ, без разлика на квалитетот што го постигнува таквата работа. Не е невообичаено некој да го чека и крајот на професионалната кариера и да се пензионира. Има луѓе што се подготвуваат за тоа веќе во триесеттите, некои подоцна.
Мрзливоста и одолжувањето
Одложувањето е сепак различно од мрзливоста, која е хронична состојба и се однесува на целосен недостиг од иницијатива, недостиг од волја и мотивација, безделничење и одложување на сè на подолг временски период.
Повеќето луѓе се и одговорни, па го прават она што треба, без разлика дали станува збор за домашни работи, завршување училиште или важна работна задача, грижа за децата или родителите. Згора на тоа, одложувањето и одолжувањето на обврските е добар вовед во размислувањето за тоа што правиме во нашиот живот и зошто. Дали ги одложуваме работите толку многу што е време да промениме нешто во нашиот живот? Дали сме презаситени со нешто и дали треба да се одмориме од тоа и да најдеме друга активност? Дали сме исцрпени во она што го правиме или нашите меѓучовечки односи се толку лоши што би можеле да искористиме каква било промена? Дали треба да се промениме или да ја напуштиме социјалната средина? Дали е време да започнеме нешто ново?