Дали знаевте дека брзината со која одите може да биде уште поважна за вашето здравје од бројот на чекорите што ги правите? Барем така покажуваат неодамна спроведените истражувања. Иако со години се сметаше дека 10 илјади чекори дневно се најдобро решение за побавно стареење, најновото истражување покажува нешто поинакви резултати. Врз основа на добиените податоци, експертите во Австралија заклучиле дека луѓето што одат брзо живеат подолго од оние што одат бавно, без разлика на нивната тежина.

Во истражувањето учествуваа 78 илјади луѓе над 40 години. Резултатите следени во текот на две години покажаа дека секои две илјади чекори дневно го намалуваат ризикот од прерана смрт за дури 10 проценти. Она што е уште поинтересно е фактот дека оние што оделе побрзо имале подобри резултати, пренесува „Дејли меил“.
– Броењето чекори сè уште најчесто се користи за следење различни активности благодарение на зголемената популарност на фитнес-уредите и апликациите, но само мал број луѓе размислуваат за темпото на нивните чекори – вели професорот Емануел Стаматакис, водач на истражувањето и експерт за јавно здравје на Универзитетот во Сиднеј.

Според него, луѓето што одат побрзо стареат побавно, покажуваат повисоки когнитивни способности и во просек имаат повисок коефициент на интелигенција. Покрај тоа, редовното одење придонесува за подобра физичка форма, што, пак, го продолжува животот.
– Она што можеме да го заклучиме од ова ново истражување е фактот дека за доброто на здравјето на луѓето, не само што е неопходно тие да се обидуваат да прават најмалку десет илјади чекори дневно туку и да се стремат да одат што е можно побрзо – додава докторот Метју Ахмади, исто така истражувач во оваа студија.