Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и Би-би-си формираа список од седум потенцијални градови, од кои еден ќе биде домаќин на „Евровизија“ следната година. Седум потенцијални града се најдоа во потесниот избор, вклучувајќи ги Бирмингем, Глазгов, Лидс, Ливерпул, Манчестер, Њукасл и Шефилд. Интересно е што главниот град Лондон го нема на листата.
Потврдено е и дека за организација на натпреварот се пријавиле 20 британски града, а оние од потесниот круг биле избрани врз основа на нивните можности и способности да организираат голем настан како што е „Евровизија“.
Во наредниот период ЕБУ и Би-би-си ќе ги посетат избраните градови и ќе утврдат дали ги исполнуваат сите критериуми на организацијата, а името на градот домаќин на „Песна на Евровизија 2023“ ќе биде познато во текот на есента.
Велика Британија е евровизиски домаќин следната година, откако беше утврдено дека годинашниот победник Украина не може да биде домаќин на натпреварот поради воената состојба во земјата.
Организацијата им беше понудена на Британците бидејќи нивниот претставник Сем Рајдер беше вицешампион на натпреварот во Торино. Изборот за „Песна на Евровизија“ следната година ќе биде првиот од 1980 година што нема да се одржи во земјата што победи на претходниот натпревар.