Научниците конечно најдоа одговор на едно од најголемите животни прашања – дали парите можат да купат среќа. Најновото истражување потврди дека парите навистина можат да „купат“ среќа, но само ако не заработувате повеќе од 123.000 долари годишно.
Новиот експеримент, чии резултати неодамна беа објавени на страниците на научното списание ПНАС, ги проучуваше ефектите од еднократната исплата од 10.000 долари врз луѓето. Група од 200 луѓе во седум земји добија исплата од 10.000 долари преку Пејпал и беа следени во однос на контролната група што не доби пари за да ги спореди нивните нивоа на среќа. Имаа и ограничување од три месеци да ги потрошат своите средства.
Тие 200 среќници, кои станале побогати за 10.000 долари, го пријавувале нивото на среќа на скала од еден до седум на крајот на секој месец. Како што можеше да претпоставите, кога експериментот заврши, тимот што трошеше пари пријави повисоки нивоа на среќа. Но една група не беше засегната од добиените пари.
Се заклучи дека луѓето со приход во домаќинството над 123.000 долари го одржувале истото ниво на среќа дури и откако им биле дадени 10.000 долари. Испитаниците потекнуваат од три земји со ниски приходи (Бразил, Индонезија и Кенија) и четири земји со високи приходи (Австралија, Канада, Велика Британија и САД).
Примателите во земјите со пониски приходи забележале зголемување на среќата трипати поголемо од оние во земјите со повисоки приходи. Така, иако студијата покажа дека богатството може да го подобри нивото на среќа кај повеќето луѓе, добиените пари не влијаеле на оние што веќе заработувале големи суми.