„Нетфликс“ неодамна ја претстави својата поевтина верзија на месечната претплата поддржана од реклами. Меѓутоа, многумина не се задоволни од понудата.
Поевтината верзија на претплатата на „Нетфликс“ ќе чини 6,99 долари месечно во САД, каде што е веќе достапна. Верзијата беше лансирана и во Канада, Австралија, Бразил, Франција, Италија, Германија, Јапонија, Кореја, Мексико, Шпанија и Велика Британија по различни цени.
Компанијата соопшти дека тековните планови и членови нема да бидат засегнати и дека верзијата „Основно со реклами“ ги дополнува постојните oсновни, стандардни и премиум-планови без реклами.
Новата верзија ќе има поголем дел од она што е достапно со тековниот основен план на „Нетфликс“ од 9,99 долари месечно. Меѓутоа, опцијата „Основно со реклами“ ќе вклучува просечно четири-пет минути реклами на час. Овие реклами ќе бидат долги 15 или 30 секунди и ќе се прикажуваат пред и за време на ТВ-сериите и филмовите.
Иако повеќето сегашни претплатници нема да видат голема промена, освен ако не преминат на нова верзија, лансирањето на „Нетфликс“ поддржан од реклами е еден од најзначајните моменти во 25-годишната историја на компанијата.