Меѓународен тим истражувачи го вратија во живот вирусот стар 48.500 години, кој и по толку долг период може да зарази живи организми.
Слоеви од вечниот мраз на Земјата претставуваат опасност за човештвото, предупредуваат научниците откако успеале да оживеат вирус што бил замрзнат десетици илјади години.
Тимот научници заклучиле дека вирусите како овој сè уште се способни да заразат живи организми, откако набљудувале девет древни примероци на вируси пронајдени во вечниот мраз на Сибир, кои ги инфицирале амебите во лабораторија. Најстариот од новооткриените вируси е стар речиси 50.000 години.
Биологот Жан-Мишел Клавери, еден од членовите на тимот од Универзитетот во Марсеј, истакна дека заживувањето на вирусот стар 48.500 години е нов рекорд. Неговиот тим, кој вклучува научници од Русија, Франција и од Германија, проучувал вкупно седум антички вируси во најновата студија. Вирусите со кои се занимаваа се сметаат за најстари вратени во живот, иако други научници тврдат дека успеале да оживеат бактерии стари дури 250 милиони години. Сите вируси оживеани во новата студија припаѓаат на типот пандоравирус – група џиновски вируси способни да заразат едноклеточни организми како што е амебата.
Меѓутоа, фактот што сите девет вируси што досега се вратени биле во можност да ги инфицираат живите клетки по десетици илјади години во вечниот мраз, значи дека вирусите заробени во мразот, кои се потенцијално заразни за растенијата, животните и луѓето, исто така може да се ослободат како што се топи мразот.