Новото откритие ја отвора можноста дека понатамошното тестирање може да доведе до поуспешни трансплантации на органи кај луѓето

Група истражувачи од универзитетот „Јејл“ успеаја да ја рестартираат циркулацијата на крвта и другите функции еден час откако го запреа срцето кај свиња, што доведе до откритие дека клетките не умираат толку брзо како што претходно мислеа научниците.

Новото откритие на научниците од „Јејл“ ја отвора можноста дека понатамошното истражување може да доведе до потенцијално најсовремена трансплантација на органи кај луѓето, пишува „Ројтерс“.

Имено, еден час по запирањето на срцето кај свињата, истражувачите успеале да ја рестартираат циркулацијата со помош на специјализирана машина и синтетичка течност што носи кислород и други компоненти. Системот што го развија, наречен „ОрганЕкс“, овозможува намалување на оштетувањето на ткивото, отекувањето на органите и колапсот на крвните садови, што обично е резултат на недостиг од кислород предизвикан од срцев удар. Резултатите покажаа дека кога срцето застанува, телото не е мртво како што претходно се претпоставуваше.

– Во споредба со традиционалните средства за обновување на циркулацијата, кои можат да предизвикаат стрес и оштетување на клетките, новиот процес го зачува интегритетот на ткивото, ја намали клеточната смрт и ги обнови избраните молекуларни и клеточни процеси во повеќе витални органи. Од биолошка гледна точка, ако срцето престане да работи, телото продолжува да врши некои од овие функции и многу брзо престанува поради недостиг од циркулација. Ако можете да ја рестартирате циркулацијата, се чини дека овие процеси продолжуваат – велат истражувачите.
Тие додаваат дека се надеваат оти нивното откритие на крајот ќе овозможи трансплантација на органи земени откако ќе се повлечат средствата за одржување во живот кај донаторите со тешки, неповратни повреди на мозокот, со спречување на штетата што се јавува кога крвта престанува да циркулира.

Експертите со години експериментираат во обид да трансплантираат животински органи на тешко болни лица. Еден таков случај беше револуционерниот потфат за трансплантација на свинско срце на човек. Оваа операција беше извршена во првите денови од 2022 година, кога во болница во државата Мериленд во САД, на тешко болниот 57-годишен Дејвид Бенет, кој беше неколку дена од смртта, му беше пресадено срце на генетски модифицирана свиња во повеќечасовна трансплантација.

Првиот таков обид за трансплантација на орган од животно на човек, снимен на планетата, изгледаше успешен бидејќи Бенет добро закрепнуваше од операцијата. Сепак, на 8 март оваа година, нешто повеќе од два месеца по трансплантацијата, тој почина. Лекарите не можеле да ја утврдат точната причина за неговата смрт, а по обдукцијата било констатирано дека му откажало срцето. Експертите потоа изнесоа две теории како можна причина за фаталниот исход на оваа трансплантација: една група научници веруваат дека лековите против отфрлање што ги примал пациентот предизвикале срцев удар, додека други се сомневаат дека органот на свињата бил заразен пред трансплантацијата. Инаку, во случајот со Дејвид Бенет, лекарите користеле срце на свиња чии гени биле модифицирани за да го отстранат шеќерот од неговите клетки поради што органите биле брзо отфрлени.

Во историјата на трансплантацијата имало и случај на тешко болно бебе, кое преживеало 21 ден во 1984 година по трансплантација на срце од бабун.