Истражувањето објавено во престижното списание „Јуропиан харт џрнал“, а спроведено на половина милион средовечни Британци, покажа дека оние што секогаш додавале сол во храната имаат 28 отсто поголеми шанси да умрат пред 75-та година од животот. Поточно, иако секојдневно изгледа безопасно, додавањето малку дополнително сол во оброкот, покажа истражувањето, го скратува животот во просек за две години кај мажите и една и пол година кај жените.
Истражувањето ги следело учесниците во просек девет години и ги евидентирало оние што починале пред 75-годишна возраст. Откако ги зеле предвид другите фактори за скратување на животот и другите болести, истражувачите откриле јасна врска помеѓу солта и раната смрт. Тие исто така откриле дека ризикот е малку намален кај луѓето што консумираат најголеми количества овошје и зеленчук, но не доволно за да биде статистички значаен.
Ова е прва студија што ги квантифицира ефектите од додавањето на овој зачин врз прераната смрт. Таа нуди нови докази од кои може да се изведат препораки за промена на начинот на исхраната за подобрување на здравјето. Дури и скромното намалување на внесувањето натриум преку додавање помалку сол во храната ќе резултира со значителни здравствени придобивки.
Заклучокот е дека диетата со високо ниво на сол може да го зголеми крвниот притисок, зголемувајќи го ризикот од срцев или мозочен удар, а се препорачува возрасните да не јадат повеќе од шест грама сол или 2,4 грама натриум дневно, што е околу една кафена лажичка.