Американската вселенска агенција НАСА се подготвуваше за лансирање на првата ракета како дел од програмата „Артемис“, чија крајна цел е испраќање астронаути на Месечината, но лансирањето беше откажано поради проблеми што инженерите не можеа да ги решат навреме.
НАСА имаше два часа за лансирање на ракетата СЛС од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, но тоа беше попречено од проблемите што инженерите се обидоа да ги решат. Еден од проблемите беше пукнатина во резервоарот, а потоа тука беше и проблемот со оперативната температура. Еден од ракетните мотори не можеше доволно да се излади за да продолжи со одбројувањето до лансирање.
Инаку, СЛС е најмоќната ракета на НАСА во историјата, а нејзината мисија како дел од мисијата „Артемида 1“ е да ја однесе капсулата „Орион“ без екипаж на пат околу Месечината. НАСА се надева дека ќе ги врати луѓето на Месечината за првпат по повеќе од 50 години до 2025 година.
Поради споменатите проблеми, одбројувањето на часовникот беше прекинато на 40 минути, а конечно беше објавено дека лансирањето е откажано. Најраната можност за следното лансирање на ракетата е на 2 септември.
Кога ќе биде лансирана ракетата СЛС, по осум минути и 20 секунди лет, страничните засилувачи ќе се одвојат, а јадрото ќе го испрати „Орион“ во високоелиптична орбита. Горниот сегмент, или фаза, дополнително ќе ја подигне таа орбита, а два часа и пет минути по лансирањето, „Орион“ и неговиот заден сервисен модел ќе се одвојат од горната фаза. Потоа, тие треба да бидат на пат кон Месечината, движејќи се со брзина од 30.000 километри на час.