Во оформувањето на македонската носија влијание имале и географските и природните услови. Планините, падините и котлините со кои се одликува македонскиот релјеф се одразиле во македонската култура, односно носија. Како одделни форми се јавуваат – културата на планинците, кои најчесто се занимавале со сточарство, и културата на рамничарите, кои се занимавале со земјоделство

Занимливости

Македонската народна носија има повеќевековна традиција и е составен дел од материјалната култура на Македонците. Нејзината творба е резултат на колективна активност на македонскиот народ и се пренесувала низ поколенијата. Најстариот слој на македонската носија е старобалканскиот, на кој се надоврзува словенската култура на облекување, византиското влијание и турско-ориенталните елементи.
Творец на македонската народна носија е македонскиот народ, па затоа во оформувањето на носијата се видливи културни влијанија што се одразиле на нејзиниот дизајн, притоа биле преработувани и приспособувани за начинот на живот во Македонија. Затоа носиите се израз на македонскиот народен колектив.
Во оформувањето на македонската носија влијание имале и географските и природните услови. Планините, падините и котлините со кои се одликува македонскиот релјеф се одразиле во македонската култура, односно носија. Како одделни форми се јавуваат – културата на планинците, кои најчесто се занимавале со сточарство, и културата на рамничарите, кои се занимавале со земјоделство. Честопати овие две култури се преплетувале, со што се создала сложена култура на облекување, односно носија.
Врз основа на културно-географскиот принцип се разграничуваат следните носии – горновардарска, дебарско-реканска, брсјачка и средновардарска, а како подгрупа се јавуваат шопско–македонска, струмо–местанска и јужномакедонска со многубројните пределски целини. Во општа смисла може да се разликуваат источномакедонски и западномакедонски тип.

Во западномакедонскиот тип носи припаѓаат горновардарската, дебарско–реканската и брсјачката целина. Неговите карактеристики се горните бели клашени облеки, со богата декорација од гајтански елементи, украси со срмен терзиски вез, апликација од чоја, волнени рески и сл. Женската носија се карактеризира со геометриска орнаментална декорација со дополнителни украсни рески, како и специфична женска покривала за на глава, како што се сокај, дарпна, марама итн. Кај овој тип е забележливо влијанието на старобалканската, старословенската, византиската и османлиската култура.
Во источномакедонскиот тип припаѓаат шопско-македонската, струмско-местанската, средноварарската и јужномакедонската целина. Овој тип се карактеризира со потемен колорит – темносин, црн или сура боја шајак, како и волнени гајтански апликации.
При обликувањето на македонската носија главното место го имала македонската селанка, бидејќи целокупната активност речиси ја имала самата таа, почнувајќи од предењето на суровините, бојосувањето на преѓата, изработката на ткаенините, конструкцијата на кројот, шиењето, до украсувањето и китењето. Во оваа насока, неоспорно важна улога имала и појавата на специјализираните мајстори терзии, кои главно ги изработувале и украсувале горните облеки, додека локалните занаетчии – кујунџиите го изработувале накитот.

Волната, конопот, ленот, памукот, во помала мера и свилата, обработувани на стар традиционален начин, се основните суровини што имале голема примена за изработка на носија|. Во најголем дел број случаи горните машки и женски облеки се изработувани од домашна четворно ткаена волнена ткаенина клашна или шајак, во бела, црна или сура боја – природна боја на волна или од четворно ткаена ткаенина од црвено и темносина бојосана преѓа. Во повеќе делови на источна и југоисточна Македонија за изработка на горната облека голема примена имала лито ткаена ригеста волнена ткаенина алаџа или антерија.
За разлика од горните облеки, долните машки и женски облеки: кошулите и гаќите, главно се изработувале од домашно ткаено бело конопно, ленено и памучно платно. Во одделни пределски целини овие облеки се изработувани и од платно чија бела памучна основа е комбинирана со тесни појаси од свилена преѓа – во вид на риги – кенари, по што и самото платно е познато како кенарлија платно. Поретко, на пример во делови од Пиринска Македонија и Егејска Македонија, некои од горните женски облеки „саите“ се кроеле од домашно ткаено платно во сина боја.