Во Сингапур, светлото пиво „њубру“, кое се произведува од рециклирана отпадна вода, а кое првенствено беше воведено во 2018 година, од неодамна може да се најде во супермаркетите. Алкохолниот пијалак е резултат на соработката помеѓу државната агенција за вода, ПУБ, и локалната пиварница „Бруверкс“. Првпат претставено на Конференцијата за вода во 2018 година, „њубру“ е во продажба во супермаркетите од април.
– Сериозно не можев да помислам дека ова е направено од отпадна вода. Не ми пречи ако е во фрижидер. Мислам, има вкус на пиво, а јас сакам пиво – рече Џу Веи Лиан, кој го купил пивото во супермаркет за да го проба откако слушнал за него.
На социјалните мрежи започна дискусија за споменатиот производ, а мислењата се поделени, додека едни како Лиан мислат дека би можеле да го пијат, други при самата помисла на отпадната вода се откажуваат.
„Њубру“ користи НЕВотер, сингапурски бренд на рециклирана отпадна вода за пиење, која првпат дојде од пречистителна станица во 2003 година за да ја подобри безбедноста на водата на островот.
Од ПУБ велат дека новото пиво е дел од напорите да се едуцираат Сингапурците за важноста од одржливо користење и рециклирање на водата. Идејата за преработка на отпадната вода во вода за пиење, на која претходно се спротивставуваа, добива поддршка во последната деценија бидејќи снабдувањето со свежа вода во светот е сè повеќе на удар. Светскиот фонд за природата проценува дека 2,7 милијарди луѓе имаат недостиг од вода најмалку еден месец годишно.
Сингапурскиот НЕВотер се произведува со дезинфекција на отпадната вода со ултравиолетова светлина и поминување на течноста низ напредни мембрани за да се отстранат честичките загадувачи. Клучот за ширење на технологијата е да се убеди јавноста дека, откако ќе се третира водата, таа е само вода.
– НЕВотер совршено одговара со пивото бидејќи има неутрален вкус. Минералниот профил на водата игра клучна улога во хемиските реакции за време на подготовката на пивото – вели Мич Грибов, главен производител на пиво на „Бруверкс“.