Неодамна објавените фотографии направени од вселенскиот телескоп „Веб“ се историски момент за науката и технологијата, за астрономијата и истражувањето на вселената, за Америка и целото човештво, напиша американскиот претседател Џозеф Бајден на Твитер.
Фотографијата беше објавена на церемонијата во Белата куќа, на која покрај Бајден присуствуваше и администраторот на НАСА, Бил Нелсон. Сликата, која прикажува голем број галаксии, е најдлабокиот поглед досега во вселената. На дел од фотографијата се гледа и светлина од периодот непосредно по Големата експлозија, која се случила пред 13,8 милијарди години. НАСА планира да објави повеќе фотографии во боја за кои вели дека ќе ја покажат целосната моќ на телескопот, за кој се вели дека го започнува своето откривање мисија на инфрацрвен универзум.
Токму оваа случка како повторно да го разбуди интересот за космосот кај луѓето, па токму затоа ви предлагаме неколку филмски стории, кои, според критичарите, се најдобри филмови снимени за случувањата во вселената. Тие особено ќе ве фасцинираат ако сте љубител на приказни за нови светови и ако сте на мислење дека не сме сами во бескрајното пространство.
Ако сте обожавател на овој жанр, веројатно веќе имате свои фаворити. За оние што допрва треба да истражуваат, донесуваме неколку филмски вселенски препораки.

„Одисеја во вселената – 2001“

Не само што е во прашање еден од најдобрите научнофантастични филмови туку и воопшто станува збор за едно од највлијателните остварувања на филмската уметност. И пет децении по појавувањето на овој филм тој е впечатлив во секоја смисла, од визуелна до тематска. Вреди да се издржи цели два и пол часа пред екранот.

„Соларис“

Во овој филм, Џорџ Клуни и режисерот Стивен Содерберг повторно соработуваат по снимањето на „Единаесеттемина на Оушн“ (Ocean’s 11), но овој пат се работи за дијаметрално спротивни теми и проблеми, но сличен е карактерот на главниот лик. Клуни и тука, како и во речиси сите свои филмови, е многу опуштен тип. Тој е психолог што доаѓа на мисија во вселенска станица, која орбитира околу планетата Соларис. Освен што истражува, тој се бори со своите лични убедувања и спомени и се обидува да си даде втора шанса во животот.

Интерстелар

Веднаш по премиерата, почнаа да го споредуваат „Интерстелар“ со „Одисеја 2001“, но наспроти тематиката, тука фокусот е ставен на други аспекти. Метју Мекконахи е маестрален во главната улога, а целото доживување е засилено со фактот дека филмот е направен во соработка со теоретски физичар, кој придонел сѐ на филмското платно да изгледа научно убедливо.

„Месечина“

Режисерското деби на Данкан Џонс доби извонредни критики, и тоа сосема заслужено. Сем Роквел е извонреден како астронаут на Марс, кој е единствен член на мисија, покрај вештачката интелигенција, на која гласот ѝ го позајмува Кевин Спејси. Потребно е малку трпение на почетокот, но тоа се исплатува до крајот на филмот.

„Првиот човек“

Вселенската програма на САД и мисијата на Месечината, веќе добија неколку филмски верзии. Она што е интересно во врска со овој историски настан, е дека тука во фокусот е ставен приватниот живот на Нил Армстронг, кого го глуми Рајан Гослинг. Можеме да откриеме како тој психички се носел со извршувањето на мисијата.

„Гравитација“

Во филмот глумат само двајца глумци, но сепак станува збор за напнат вселенски трилер што е награден со „оскар“ за визуелни ефекти. Сандра Булок и Џорџ Клуни играат двајца астронаути, чија мисија е да стигнат до телескопот „Хабл“, но сѐ се комплицира. Станува збор за верно претставување на сличните мисии. Препорака, да се гледа на поголем екран.

„Марсовецот“

Мет Дејмон е главниот лик, кој останува сам на Марс, откако остатокот од неговиот екипаж мора да се евакуира од оваа планета. Филмот има освежителен, благо комичен тон, меѓутоа, тоа не е неговиот единствен адут. НАСА учествуваше во неговата подготовка, така што изгледа многу реално.

„Скриени фигури“

Уште една приказна за првото заминување на Месечината, но овој филм донесува уште еден аспект, што досега не ѝ беше познат на јавноста. Хероини на филмот се црномурестите математичарки и инженерки што работеле во НАСА и овозможиле луѓето да стигнат на Месечината.

„Живот во височини“

Во научнофантастичниот филм на режисерот Клер Денис, Роберт Патисон и Жулиет Бинош се осуденици на смрт, кои можат да одлучат дали казната ќе ја чекаат на Земјата или ќе патуваат низ вселената. Изолирани, со многу специфична мешавина на карактери тие треба да решаваат многубројни проблеми.