На 5 октомври 2007 година, Тоше Проески одржа голем концертен спектакл на градскиот стадион во Скопје, кој сега го носи неговото име. За жал, тоа беше неговиот последен настап во кариерата. Годинава на 5 октомври се навршуваат 15 тажни и тешки години без нашиот најпознат пејач на сите времиња, пред кого стоеше светска слава. По тој повод, во неговата спомен-куќа, сите негови обожаватели и пријатели, колеги го организираат настанот „Со љубов за Тоше“, кој е финансиски поддржан од Министерството за култура и НУ „Спомен-куќа на Тоше Проески“. На концертот голем број домашни и балкански музички имиња и пријатели на Тоше ќе ги пеат неговите незаборавни вонвременски хитови: „Тајно моја“, „Сонце во твојте руси коси“, „Чија си“, „Игри без граници“, „Још увек сањам да смо заједно“, „Иконо моја“, „Вежи ме за себе“, „Срце није камен“…

На настанот, кој ќе почне во 19 часот, песните на Тоше ќе ги пеат: Бојан Маровиќ, Јелена Томашевиќ, Каролина Гочева, Бени Шакири, Дани Димитровска, Ѓоко Танески, Кристина Петровски Арнаудова, Јоце Панов, Биљана Јосифов, Мартинијан Кириловски, Омар Џаферовски и Влатко Груевски. Нив ќе ги придружуваат Камерниот оркестар од Битола и бендот на Тоше. М.Т.