Со голема веројатност се очекува дека летото во 2022 година ќе биде значително потопло и посушно од многугодишните просеци
И покрај тоа што низ повеќе делови од Западна Европа, преку Италија, Франција и Германија изминатиов период температурите достигнаа и до 45 степени, неподносливите горештини засега нема да влијаат на Македонија.
Шпанија беше зафатена од вториот топлотен бран ова лето, со температури што периодов достигнаа 44 степени Целзиусови во некои региони во јужниот и во југозападниот дел на земјата.
Според метеоролозите, позначителен пораст на температурите во земјава ќе има од викендов, кога ќе бидеме под влијание на многу топла воздушна маса од Африка и температурите тогаш ќе се искачуваат во интервалот од 31 до 38 степени, додека во најтоплите предели истите тие се очекува да се искачат и до 40 степени.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, предвидувањата за климатските изгледи за летово се базираат на динамички модели, статистички модели и телеконекции на климатски карактеристики од поголеми размери. Со анализите за целиот југоисточен регион на Европа се предвидува летните температури да достигнат натпросечни вредности. За територијата на Република Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности. Надминувањето на температурите е предвидено дека може да достигне и до три степени Целзиусови речиси на целата територија.
– Несигурноста кај регионалните предвидувања за врнежите е секогаш поголема во однос на температурата. Се очекува целиот југоисточен регион на Европа да има врнежи под просечните, со веројатност што расте од северозапад кон исток. Во Македонија најголемо негативно отстапување на врнежите за оваа сезона се очекува да има во август. Во планинските делови постои голема веројатност дека просечните врнежи ќе бидат надминати поради епизоди на засилена конвекција и појава на обилни врнежи – велат од УХМР.
Летни горештини на Балканот
Според прогнозите на светската метеоролошка служба „Аку ведер“, јужниот дел на Европа го очекува рекордна топлина, со налети на невремиња. Слично како и минатото лето, градовите низ Балканот годинава може да очекуваат повеќе денови со температури над 32 степени Целзиусови.
Во Букурешт минатата година беа забележани 35 дена со температури од или над 32 Целзиусови степени. Слично беше и со Атина, каде што имаше 67 дена со температура од најмалку 32 степени, што е значително над вообичаениот просек од 46 дена.
Метеоролозите годинава предвидуваат дека температурите ќе надминат 32 степени меѓу 31 и 38 дена во Букурешт и меѓу 55 и 63 во Атина. Топлите периоди ќе бидат придружени со суши, иако годинава би требало да бидат поблаги од 2021 година.
Невремиња со грмежи
Во втората половина на летото би требало да има повеќе грмежи отколку во првата. Сепак, тие веројатно нема да бидат доволно распространети за да стават крај на проблемите што ќе ги донесе периодот на суша.
Грмежите би можеле да бидат меч со две сечила, во смисла дека до одреден степен ќе го ублажат периодот на суша, но дека ќе донесат сериозни временски катастрофи, вклучувајќи и бури што може да ги оштетат посевите на пченицата и пченката, наведува „Аку ведер“.