Ако некогаш сте се чувствувале опуштено додека сте шетале по музејските ходници, несвесно сте се подложиле на најновата терапија за психичка исцрпеност и анксиозност. Имено, психијатрите сѐ повеќе ги забележуваат придобивките за менталното здравје од посетата на музеи и галерии. Како резултат на тоа, повеќето од нив нудат „музејски рецепти“ за да им помогнат на своите пациенти да се ослободат од нивните ментални болести.

Оваа нова форма на терапија ќе биде тестирана во Брисел во следните шест месеци, за да се утврди нејзината ефикасност во помагањето на пациентите. „Музејски рецепти“ ќе им се нудат исклучиво на пациенти со помали симптоми на ментална исцрпеност и анксиозност, а оваа терапија ќе биде комбинирана со други методи на лекување, во зависност од индивидуалните дијагнози на пациентите.

Луѓето што ќе прифатат да бидат третирани на ваков начин ќе добијат пет бесплатни билети за пет музеи во Брисел. Оваа идеја исто така има цел повторно да ги поврзе граѓаните на белгискиот главен град со уметноста и културата, пишува весникот „Гардијан“.

Овој проект беше инспириран од слична идеја што беше имплементирана во Канада во 2018 година, каде што лекарите пропишаа бесплатни посети на Музејот на ликовни уметности во Монтреал.

Ние лачиме хормони кога посетуваме музеј и тие хормони се одговорни за нашата благосостојба – вели Хелен Бојер, потпретседателка на франкофонските лекари од Канада, за „Монтреал газет“, припишувајќи им ги придобивките од оваа неконвенционална терапија на промените во нашите нивоа на кортизол и серотонин.

Проектот во Белгија би можел дополнително да се прошири за да вклучат посети на кина и други активности, доколку се покаже дека им помогнал на пациентите да ги надминат нивните психолошки проблеми.