Завршна ревија/перформанс на студентите од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, Скопје – Институт за дизајн и инженеринг на облека, ќе се одржи вечерва, во 19.30 часот, во дворот на ТМФ.

Метаверзум или универзум? Ова прашање им беше поставено на нашите студенти, под менторство на професорката Лидија Георгиева.
– Не ги очекувавме и бевме изненадени од одговорите што ги добивме, но затоа, пак, среќни сме што прашавме. Иако не се воздржуваат од употреба на сите најнови технолошки достигнувања, генерациите што доаѓаат, сепак, го преферираат човечкиот контакт – постои надеж. Сепак, изминативе години, поврзаноста помеѓу нас беше важна повеќе од кога било. Некои изминатиов период го доживеаја како можност за забрзана експанзија на технолошкиот напредок, но некои како изолација и недостиг од човечки контакт.

Идејата за метаверзумот ќе еволуира, ќе се менува, како што ќе се менува начинот на кој ќе ја употребуваме оваа алатка. Но останува отворено прашањето дали употребата ни е наметната или, сепак, ќе успееме да го добиваме само најдоброто? Па да размислиме: што е подобро? Виртуелно кафе во Њујорк или вистинско кафе дома? Но доколку веднаш можам да ја видам најновата изложба во МЕТ-музејот во Њујорк, без да го напуштам својот дом, зошто да не поминам низ тоа задоволство? Често слушаме околу себе дека сите ние сме веќе малку сменети, па така, заедно со нас, ќе се менува и технологијата. Во која насока ќе продолжиме останува да покаже времето (доколку успееме да го дефинираме) – изјавуваат организаторите на настанот од ТМФ.

Студентите ја нарекоа годинашната ревија перформанс, преку кој ќе се обидат да пренесат силна порака.
– Токму поради изолираноста во која живеевме, сега сакаме да се поврземе од почеток и да создадеме нешто заедно. Па така, задоволство ни е да кажеме дека за првпат, во нашиот проект се вклучени и студентите на Факултетот за ликовни уметности, Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, па наедно сакаме да изразиме голема благодарност за соработката до нашите колеги, професорите. Ние сме УКИМ, ние сме едно семејство – вели професорката Лидија Георгиева.