Во рамките на проектот „Зајакнување на младите преку нови можности“, „СОС детско село“ организира дводневен младински форум денеска и утре, во „Јавна соба“ во Скопје. Форумот ќе понуди разновидни активности од интерес и грижа на младите – стручни совети што ќе им послужат во поставување на нивните кариерни цели и во процесот на барање работа, панел-дискусии на младите со претставници на бизнис-заедницата и локалните власти, работилници за ментално здравје, мотивација и личен развој, стручни совети од фитнес-тренер, екоработилница, работилница за изработка на накит, практични совети за млади лица што сакаат да започнат мал бизнис итн.
На форумот ќе настапи и младиот музички бренд „Резонанса“, а настанот е од отворен карактер.

„Зајакнување на младите преку нови можности“ е регионален проект, кој освен во Македонија, се имплементира и во Босна и Херцеговина, Србија, Косово и во Албанија, со поддршка на Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија и фондацијата „Херман Гмајнер“. Целта на проектот е да придонесе за подобри услови за живот на младите во социјален ризик, преку нивно зајакнување и олеснување на нивниот пристап до пазарот на трудот. Во периодот 2019-2022 година, со проектот се опфатени повеќе од 370 млади лица, од кои 333 млади ги завршија обуките за животни вештини и вработиливост, 107 лица посетуваа практикантство, 130 лица посетуваа стручни курсеви, а 170 млади лица најдоа работен ангажман по вклучувањето во проектот. Дополнително, на младите лица им беше достапна континуирана менторска и психосоцијална поддршка. Проектните активности се реализираа во Скопје, Тетово, Прилеп и во Битола, а планирано е продолжување на проектот, со што ќе бидат опфатени уште три плански региони на Македонија.