„Твитер“ повторно ја воведе сивата значка како ознака на официјалните сметки, неполни два дена откако оваа иновација беше укината на социјалната мрежа. Во исто време, има извештаи дека „Твитер“ го паузирал системот за претплата на сината ознака од 7,99 долари, што беше голема иновација што ја воведе милијардерот Илон Маск откако ја купи компанијата.
Во меѓувреме, отказ поднеле и некои други високи вработени во „Твитер“, а правилата за проверка на сметката сѐ уште се менуваат, пренесува „Би-би-си“.
Вработените во „Твитер“ биле известени дека привремено се суспендира новата услуга за претплата додека не се реши проблемот со големиот број нови сметки преку кои лажно се претставуваат познати личности, пишува „Вашингтон пост“.
Американската Федерална трговска комисија соопшти дека го следи овој развој со длабока загриженост.
Маск отпушти околу 3.700 лица во првите две недели откако стана извршен директор на „Твитер“, а сега ги информира вработените дека постојат добри шанси „Твитер“ да не ја преживее претстојната економска криза без големите приходи од претплата. Ја спомена и можноста за банкрот на компанијата.