Полски биолог тврди

Истакнат полски научен институт ги класифицира домашните мачки како „инвазивни видови“ што им се закануваат на другите екосистеми каде што вообичаено не припаѓаат, наведувајќи ја како клучен аргумент штетата што им ја предизвикуваат на птиците и на другите диви животни.
Некои љубители на мачки неодамна емотивно реагирале на споменатата одлука, а особено бил нападнат научникот Војчек Соларк. Имено, овој биолог наишол на силни критики во Полската академија на науките, а не бил подготвен за такво јавно неодобрување.
– Базата на податоци веќе имаше 1.786 други видови наведени без приговор – рече Соларк, кој објасни дека неговиот заклучок е толкуван за да се добие лажен впечаток дека неговиот институт повикува на евтаназија на дивите и другите мачки.
Соларк објасни дека постои усогласен научен консензус дека домашните мачки имаат штетен ефект врз биолошката разновидност поради бројот на птици и цицачи што ги ловат и убиваат.
– Мачката 100 проценти ги исполнува критериумите за вклучување меѓу инвазивните видови – наведува тој.
Дорота Шуминска, авторка на книгата „Среќната мачка“, посочи и на други причини за намалување на биолошката разновидност, апострофирајќи на загадената животна средина и рефлектирачките фасади на зградите во градовите, кои се опасни за птиците.
– Дали и човекот е на списокот на инвазивни видови – праша Шуминска, наведувајќи дека неправедно им се припишува преголема вина на мачките.
Соларк го негираше ова, тврдејќи дека мачките убиваат околу 140 милиони птици во Полска секоја година. Неодамна, институтот на Полската академија се обиде да го разјасни својот став, нагласувајќи дека е против секаква суровост кон животните и тврдејќи дека споменатата класификација сè уште е во согласност со насоките на Европската Унија.
Од институтот наведуваат дека сè што им се препорачува на сопствениците на мачки е да го ограничат времето што нивните миленици го поминуваат на отворено за време на сезоната на размножување на птиците.