Луѓето би можеле да поминуваат подолги временски периоди на Месечината во текот на оваа деценија, изјави претставник на НАСА за „Би-би-си“.
Хауард Ху, кој ја предводи програмата за лунарното вселенско летало „Орион“ на НАСА, рече дека ќе бидат потребни живеалишта за некои истражувачки мисии. Тој изјави дека лансирањето на ракетата „Артемида“ е историски ден за човечките вселенски летови. На врвот на ракетата се наоѓа вселенското летало „Орион“, кое нема екипаж на оваа мисија, но е опремено со кукла што ќе ги регистрира ударите на летот врз човечкото тело. Летот следуваше по двата претходни обиди за лансирање во август и септември, кои беа прекинати за време на одбројувањето поради технички проблеми.
– Ова е првиот чекор кон долгорочно истражување на длабоката вселена, не само за САД туку и за светот. Работиме на одржлива програма и ова летало ќе ги носи луѓето што ќе нѐ вратат назад на Месечината – рече Ху.
Тој објасни дека ако овој лет на „Артемида“ биде успешен, следниот ќе биде со екипаж, а потоа ќе следува трет, кога астронаутите повторно ќе слетаат на Месечината, за првпат по 50 години.
– Откако ќе се тестира и докаже безбедноста на компонентите и системите на „Артемида“, планот е луѓето да живеат на Месечината уште оваа деценија – објасни претставникот на НАСА.
Голем дел од причината за враќање на Месечината е да се открие дали има вода на јужниот пол на Земјиниот сателит, бидејќи таа може да се претвори во гориво за вселенските летала што одат подлабоко во вселената, на пример на Марс.
– Ќе испратиме луѓе да живеат на површината на Месечината и да се занимаваат со наука – рече Ху.
Планирано е „Орион“ да се врати на Земјата на 11 декември.