Избор на филмови за апокалипсата (1)

Последниве неколку години светот се смени на полошо – со пандемијата на коронавирусот, сѐ уште нема разврска ниту за неколкумесечниот воен конфликт во Украина, а други се разгоруваат и сѐ некако личи на некој филм за апокалипсата. Поучени од искуството дека филмовите што ни се пласираат, особено научнофантастичните, се некаков вид најава за она што ќе му се случува на човештвото, во две продолженија ќе ве потсетиме на триесетина апокалиптични и постапокалиптични филмови, во кои има инвазија на зомби, крвав канибализам, невидливи самоубиствени чудовишта, последици на нуклеарна војна… Ако иднината ви изгледа мрачно, но сепак сте љубител на вакви адреналински филмски стории, овој избор може да ве задржи пред екраните, но и да ве замисли и да ви го засили чувството на неизвесност.
Преку овие не многу пријатни слики ќе нурнете во разурнатата, опустошена и уништена планета, каде што сепак, и покрај сѐ, постои некаква надеж за преживување на овој несовршен свет во кој живееме.

1. „Автопатот“
Режија: Џон Хилкот
Улоги: Виго Мортенсен, Коди Смит Мекпи и Роберт Дувал.
ИМДб-оценка: 7,2
Филмот „Автопат“ е сместен во постапокалиптичниот свет и е потресна приказна за преживувањето на таткото и неговиот мал син. Човекојадци талкаат низ улиците на голата Америка, уништена со таинствен катаклизмичен настан. Таткото и синот одат кон југ, каде што се помали шансите да бидат убиени…

2. „Ѕид-Е“
Режија: Ендрју Стентон
Улоги: Бем Бурт, Елиза Најт.
ИМДб-оценка: 8,4
Неверојатно трогателен филм, футуристичка парабола што ќе ве поттикне на размислување. Станува збор за машина одговорна за чистење на отпадот расфрлан по напуштената планета Земја. Машината наречена „Ѕид-Е“ на ова патување наоѓа сродна душа во напредниот робот Ив. Ова ремек-дело на „Пиксар“ ги води гледачите низ сериозноста на постапките на луѓето, ги допира климатските промени поради човечката алчност и распространетиот консумеризам. Овој научнофантастичен љубовен филм има малку дијалози, но одличната анимација не пропушта да ја пренесе пораката.

3. „Лудиот Макс:
Патот на бесот“
Режија: Џорџ Милер
Улоги: Том Харди, Шарлиз Терон
ИМДб-оценка: 8,1
Филмот е четврто продолжение на „Лудиот Макс“ и ве носи на опасно возење со високи октани во постапокалиптична пустелија. Изобилува со неверојатни сцени и извонредна глума. Сепак, пред вас е свет полн со насилство, а целта е да се победи непријателот, по цена и на сопствениот живот. Извонредна акција, која цело време ќе ве држи во неизвесност.

4. „Ден потоа“
Режија: Роланд Емерик
Улоги: Денис Квејд, Џејк Гиленхал и Иан Холм
ИМДб-оценка: 6,4
Апокалиптичен акциски филм што фрла светлина на последиците на природните катастрофи и од повеќегодишното глобално затоплување. Катастрофата прави пустош и доаѓа до песочна бура. Денис Квејд е палеоклиматолог, кој оди во Њујорк и дава сѐ од себе да го спаси синот. На прагот е нова ледена доба. Пораката е дека луѓето мораат да го сменат однесувањето кон планетата Земја веднаш! „Ден потоа“ најавува дека струите во Атлантски Океан ќе ги снема, а последиците се катастрофални. Филмот е награден за визуелните ефекти.

5. „Мирно место“
Режија: Џон Красински
Улоги: Емили Блант,
Џон Красински
ИМДб-оценка: 7,5
Овој список на филмови за апокалипсата не може да се замисли без „Мирно место“. Во овој модерен хорор-трилер, семејството Ебот живее во изолирано место, каде што не смее да има бучава, бидејќи таа привлекува застрашувачки вонземски суштества. Се комуницира со знаци за да се избркаат вонземјаните.

6. „Пред бездната на иднината“
Режија: Даг Лиман
Улоги: Том Круз, Емили Блант
ИМДб-оценка: 7,9
Овој научнофантастичен филм е сместен во дистописка иднина, а се случува во Европа, нападната од вонземјани. Главните ликови се движат низ временски јазли за да преживеат. Филмот прикажува и операција на истоварување, која станува комплицирана, бидејќи вонземјаните се агресивни и итри.

7. „Засолни се “
Режија. Џеф Николс
Улоги: Мајкл Шенон,
Џесика Честејн
ИМДб-оценка: 7,4
Станува збор за психолошка интригантна драма. Главниот лик Кертис има кошмари и халуцинации. Тој сонува за апокалиптична бура, тоа им го пренесува на жителите на местото во кое живее, но тие не се сигурни дали треба да му веруваат. Тој почнува да создава слики со скакулци, а сонува и апокалипса со зомби, додека луѓето се претвораат во вонземјани. Кертис очајнички се труди да си го спаси семејството од смртоносната бура…

8.„Зора на мртвите“
Режија: Зак Шнајдер
Улоги: Сара Поли, Џек Вебер, Винг Рејмс и Меки Фајфер
ИМДб-оценка: 7,3
Ова е акциски хорор-филм, всушност продолжение на филмот „Ноќ на живи мртовци“ на Џорџ А. Ромери. Овој апокалиптичен филм има многу агресивни сцени што ја прикажуваат борбата на луѓето со ордите зомби-суштества..

9. „Крајот на светот“
Режија: Едгар Рајт
Улоги: Сајмон Пег, Ник Фрост, Мартин Фриман
ИМДб-оценка: 7
Инвазијата на вонземјаните може да биде крвава, но пресвртот што води до комична забава може да ја направи интересна. Оваа научнофантастична комедија следи петмина пријатели што одат во својот роден град за да се видат, а наоѓаат траги од инвазија на вонземјани. Нивната задача е да го спасат човештвото…

10. „Деца на мажи“
Режија: Алфонсо Куарон
Улоги: Клајв Овен, Џулијан Мур
ИМДб-оценка: 7,9
Ова филмско ремек-дело се случува во 2027 година, кога Земјата се приближува до својот крај, бидејќи 18 години владее неплодност меѓу луѓето. Кога неговата жена ќе забремени, Тео има задача да ја однесе на сигурно, зашто тоа е зрак надеж за неплодната човечка раса. Со едноставен, искрен, но трогателен заплет, без стресни сцени, но со убава порака, филмот сепак е гледлив и доста ценет од критичарите.

11. „Бегство од Њујорк“
Режија: Џон Карпентер
Улоги: Курт Расел, Ли Ван Клиф, Ернест Боргнин
ИМДб-оценка: 7,2
Овој научнофантастичен филм се смета за класик. Се случува по завршувањето на војната меѓу САД и СССР, во 1997 година, кога островот Менхетн се претвора во огромен затвор со максимална безбедност. Курт Расел е извонреден во улогата на Змијата Пликсен, а филмот, иако е од 1980 година, постави високи стандарди во овој жанр.

12. „Шон од мртвите“
Режија: Едгар Рајт
Улоги: Сајмон Пег, Кејт Ешфилд. Луси Дејвис
ИМДб-оценка: 7,9

Шон се бори против наезда од зомби во Лондон во оваа пародија на филмови од тој вид. Убеден е дека ќе го спаси светот, ќе ја сфати суштината на живеењето и ќе ја освои посакуваната девојка. Иако има и страшни сцени, тие се во баланс со духовити и забавни моменти.

13. „Планета на мајмуните“
Режија: Тим Бартон
Улоги. Марк Валберг, Тим Рот, Хелен Бонам Картер
ИМДб-оценка: 5,7
И во овој филм режијата на Тим Бартон е вонсериска. Приказната го следи астронаутот Лео Дејвидсон, чија ракета се урнала на планета на која живеат интелектуални мајмуни, кои имаат доминација над луѓето. Но до кулминација доаѓа кога тој се здружува со мајмунот Ајри во борбата против тираните.

14. „Тивка земја“
Режија: Геоф Марфи
Улоги: Бруно Лоренс, Алисон Ротлиџ, Пет Смит
ИМДб-оценка: 6,8
Оваа постапокалиптична фантастика е еден од подобрите класици во оваа област. Зек Хобсон се буди сам во разурнат свет. Тој се обидува да се самоубие, но без успех и очајнички бара други преживеани во градот. Неговата ментална состојба се влошува… Наоѓа уште двајца и сите се борат да преживеат. Во овој филм крајот на светот е прикажан доста впечатливо.