Концерт на „ЛП дуо“ е закажан за 25 јуни, во 20 часот, на плоштадот „Мајка Тереза“, во организација на Културно-информативниот центар.

Од 2004 година, пијанистите, композитори и иноватори Соња Лончар и Андрија Павловиќ, познати во светот на музиката како „ЛП дуо“ (LP Duo), експериментираат со бескрајните можности за свирење на две пијана и развивање нов пристап кон современата пијано-музика. Оттогаш, бришејќи ги границите меѓу камерниот ансамбл и рок-бендот, тие станаа еден од најавтентичните музички состави, изведувајќи речиси комплетен репертоар за две пијана, како и своја авторска музика.
Досега успешно настапувале на големи фестивали и концертни сали, како што се „Карнеги хол“ во Њујорк, центарот за изведувачки уметности „Џон Ф. Кенеди“ во Вашингтон, „Мегуро Персимон хол“ во Токио, Кралскиот театар и опера во Копенхаген, како и турнеи низ Европа, САД и Азија.

„ЛП дуо“ започна како проект на образовани уметници на класичната музика, но нивното истражување и работа во различни уметнички дисциплини и авангардни практики ја дефинираа оригиналноста на нивната изворна музика, обединувајќи ги навидум неспоивите светови на класичната и популарната култура. За тоа сведочат големиот број локални и меѓународни изданија – аудиовизуелни снимки и албуми, меѓу кои се издвојува албумот „Duality“ од 2019 година (Universal Music). Дел од снимките од овој албум беше и во изборот на реномираната издавачка куќа „Дојче грамофон“.
Покрај тоа, тие компонираат музика за театар, филм, ТВ, танцова кореографија и проекти за визуелна уметност. Едно од нивните многубројни алтер ега е проектот „LP Elektro“, додека Андрија Павловиќ е исто така активен под името на проектот Енди Павлов.

Соња и Андрија се коавтори и водачи на уметничкиот и научен проект „Бионд квантум мјузик“, кој има цел да ја истражи врската помеѓу музиката и квантната физика преку создавање нови експерименти, кои резултираат со (мултимедијални) изведби во живо.
Во својата досегашна кариера, „ЛП дуо“ експериментирале со звукот на различни аналогни и дигитални синтисајзери, во комбинација со акустични пијана. Во последните години, заедно со група соработници и инженери, тие развиваат сосема нов инструмент – хибридното пијано „дуалити“. Со додавање специјален хардвер на акустичниот пијано, тие го поврзуваат со компјутер и успеваат лесно да манипулираат со секој дигитален звук, светлина или видео, поврзувајќи ги акустичните и дигиталните светови.

„ЛП дуо“ беше прогласено за едно од осумте најдобри пијано-дуа во светот на најголемиот светски натпревар „Драноф Мајами ту пианос“ (Флорида), во 2008 година.