Под Кападокија во Турција се наоѓа Деринкују, подземен град во кој некогаш живееле 20.000 луѓе. Неговото античко име е Еленгубу. Се наоѓа на 85 метри под површината на Земјата и има дури 18 нивоа на тунели. Ова место било населено илјадници години – овде живееле Фригијци, Персијци, христијани од византиската ера и многу други народи… Кападокиските Грци го напуштиле во 20-тите години на минатиот век, односно кога биле поразени од Турците. Потоа масовно побегнале во Грција.
Не само што подземните соби се протегаат на стотици километри, туку тука има и повеќе од 200 одделни града, кои формираат огромна „подземна мрежа“.
Деринкуј бил „повторно откриен“ од неименуван локален жител во 1963 година. Имено, неговите кокошки постојано бегале и така налетале на овој град. Тој потоа го ископал преминот и бил фасциниран од она што го нашол. Таму, меѓу другото, имало магацини за храна, сточни штали, училишта, винарници, па дури и капела. Во 1985 година, Деринкују беше вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО.
Сè уште не е познат точниот датум на изградба на Деринкују. За првпат се споменува во делото „Анабасис“, кое го напишал Ксенофон во 370 година пр. н.е. Во оваа книга тој зборува за жителите на Кападокија, кои живееле во куќи под земја. Таа појава за него била невообичаена, со оглед на тоа што најголемиот дел жители тогаш живееле во населби на блиските карпи.
Се смета дека поголемиот дел од Деринкују бил изграден од Фригијците, бидејќи имале средства, алатки и машини да градат сложени подземни градби. Тие сочинуваа една од најистакнатите империи во Анадолија. Деринкују се користел за складирање стоки, но бил изграден за да можат жителите да се кријат од напаѓачите. Се верува дека во византиската ера овде живееле дури 20 илјади луѓе.
Денес туристите плаќаат околу 60 лири (околу 200 денари) за да влезат во Деринкују. Се разбира, тунелите се тесни и слабо осветлени. Импресивно е што тука има систем за вентилација и бунар ископан на длабочина од повеќе од 55 метри.