Продуцентот на „Пиратите од Карибите“ зборуваше за иднината на улогата на Џони Деп во франшизата, среде тековното судење за клевета на актерот против Амбер Херд.
Деп првпат се појави како капетан Џек Спароу во филмот „Проклетството на црниот бисер“ од 2003 година, а култната улога ја повтори во четири продолженија – „Ковчегот на мртовецот“, „На крајот на светот“, „На непoзнaти плими“ и „Одмаздата на Салазар“.
Меѓутоа, се чини дека тој можеби нема повторно да се појави како лик во некое од продолженијата во подготовка, според Џери Брукхајмер, продуцентот не само на исклучително успешните филмови „Пиратите од Карибите“ туку и на безброј други високобуџетни холивудски наслови, како „Топ ган“, „Лоши момчиња“ и „Армагедон“.
Во интервју за „Тајмс“, пред објавувањето на продолжението „Топ ган: Маверик“, Брукхајмер потврди дека две сценарија за „Пиратите од Карибите“ сѐ уште се изработуваат. На прашањето дали Деп ќе се врати, Брукхајмер одговори: „Во моментов не. Иднината допрва треба да се реши“.
Сепак, продуцентот откри уште едно име на А-листата што би можело да се појави во едно од продолженијата. Зборувајќи за шансите да се продолжи со главната женска улога, тој рече дека преговараат со актерката Маргот Роби.
Брукхајмер имаше слични коментари во минатото, откако во 2020 година изјави дека има одредена несигурност за вмешаноста на Деп.
Во моментов работиме на нацртот и се надеваме дека наскоро ќе го добиеме и ќе го предадеме на „Дизни“ и дека ќе им се допадне – рече тој.
Кога го прашаа за ангажманот на Деп, тој рече дека она што моментално го развиваат, не се сосема сигурни каква ќе биде улогата на Џони, па затоа ќе мора да видат.