Од универзитетот „Џинан“ објавија дека група кинески научници развиле тип микроробот за отстранување на микропластиката и нанопластиката (МНП) од водата.
Роботот со погон на јонска размена има дијаметар од 20 до 100 микрони, што значи дека е потенок од човечка коса. Се снабдува со енергија на иновативен начин, користејќи ја размената со јони на нечистотијата во водата и може да работи без дополнително внесување енергија, пренесува „Ксинхуа“.
Истражувањето, кое неодамна беше објавено во списанието „Сајенс адвансис“, наведува дека загадувањето со МНП во неморските води претставува голема закана за глобалниот екосистем. Меѓутоа, постојните стратегии, како што се хемиската флокулација и физичката филтрација, честопати не успеваат целосно да ги отстранат ултраситните пластични честички. Во потрага по подобро решение, научниците од универзитетот „Џинан“ со седиште во Гуангжу и Универзитетот во Хонгконг дизајнираа микророботи за отстранување МНП од водата, користејќи ги роботите за чистење на подот како инспирација.
– Роботите за чистење на подот можат автономно да работат на планирана маршрута и да го собираат ѓубрето во нивната близина, па мислевме дека може да има сличен тип робот за чистење на ѓубрето во водата – рече Ванг Јиџуанг, еден од водечките истражувачи на универзитетот „Џинан“.

Автономните роботи развиени од група научници се состојат од смолести сфери со магнетни наночестички и можат да комуницираат со околните честички за време на движењето, постигнувајќи динамично отстранување МНП на својот пат. Секој робот има опсег на апсорпција до 200 микрони во дијаметар. Во меѓувреме, апсорпцијата (собирањето) на пластиката од водата предизвикува проток на течност околу роботите, со што ги поттикнува да се движат автономно без друг влез на енергија.
– Благодарение на магнетните компоненти внатре, роботите можат лесно да се соберат со магнет по завршувањето на нивните мисии и прецизно да се контролираат преку магнетно поле, кое може да се програмира – рече Ванг.
Истражувањето потврди дека роботите покажале ефикасност на отстранување на повеќе од 90 проценти за време на 100 последователни мисии за отстранување МНП со различни состави, големини и форми од водата.
– Се проценува дека само околу пет милиони микророботи од овој тип се потребни за секој литар отпадна вода за чистење МНП присутни во водата – вели Ванг, додавајќи дека оваа бројка на микророботи е многу лесно да се постигне во пракса.
Групата постави дополнителни истражувачки цели, како што е наоѓање начини за новоразвиените роботи истовремено да собираат МНП и да ги разградуваат на самото место.
– Се надеваме дека развојот на автономни роботи, со предностите како прифатлива цена и минимално секундарно загадување, ќе ги направи овие роботи погодни за индустриска примена, обезбедувајќи атрактивна стратегија за отстранување на ултрамалите пластични честички во голем обем – заклучи Ванг.