Кина го лансира вториот од трите модули потребни за комплетирање на новата вселенска станица, што ќе биде нејзин последен чекор во амбициозната вселенска програма на Пекинг. Вселенското летало без екипаж, наречено „Вентиан“, беше лансирано со ракета „Лонг марч 5Б“ од центарот за лансирање „Венчанг“, на кинескиот тропски остров Хаинан.
Официјален претставник на Кинеската вселенска агенција веднаш го потврди „успехот“ на лансирањето. Стотици луѓе се собраа на блиските плажи за да фотографираат како лансерот се вивнува во облак од бел чад.
По приближно осум минути лет, лабораторискиот модул „Вентиан“ успешно се одвои од ракетата и влезе во предвидената орбита, со што лансирањето беше целосно успешно – соопшти ЦМСА.
Пекинг го лансира централниот модул на својата вселенска станица „Тиангонг“, што значи „небесна палата“, во април 2021 година. Долг речиси 18 метри и тежок 22 тона, новиот модул има три соби и простор за научни експерименти. Тој ќе се спои со постојниот модул во вселената, што е предизвикувачка операција за која експертите велат дека ќе бара неколку многу прецизни манипулации и употреба на роботска рака.
Ова е првпат Кина да спои толку големи возила, што е деликатна операција – рече Џонатан Мекдауел, астроном од центарот за астрофизика „Харвард-Смитсонијан“.
Третиот и последен модул е планирано да биде лансиран во октомври, а „Тиангонг“, кој се очекува да има животен век од најмалку десет години, се очекува да стане целосно оперативен до крајот на годината.