Оштетувањето на краевите на нашите хромозоми може да создаде зомби-клетки што се живи, но не можат да функционираат. Колку сме постари, толку повеќе ги има, што може да биде добро, но и лошо за нашето здравје, открија научниците од Универзитетот во Питсбург.
Кога клетките се подготвуваат да се делат, нивната ДНК е цврсто обвиткана околу протеините за да формираат хромозоми, кои му даваат структура на генетскиот материјал. На краевите на овие хромозоми се наоѓаат теломерите, кои создаваат еден вид заштитна структура за да се спречи оштетување на генетскиот материјал. Меѓутоа, секојпат кога клетката се дели, теломерите се скратуваат. Тоа значи дека како што старееме и како што нашето тело се подложува на зголемен број клеточни делби, теломерите стануваат пократки и помалку заштитнички кон нашата ДНК. Оштетувањето на генетскиот материјал може да доведе до мутации што предизвикуваат неконтролирана клеточна делба, односно до појава на рак.
Клетките избегнуваат да станат канцерогени кога нивните теломери стануваат прекратки, бидејќи се делеле премногу пати, а за потенцијално да не предизвикаат штета, влегуваат во состојба слична на зомби, која спречува понатамошна поделба, што се нарекува процес на клеточно стареење.
Зомби-клетките можат да бидат добри или лоши за нашето здравје
Бидејќи се отпорни на смрт, старите – или зомби-клетките се акумулираат со возраста. Тие можат да бидат многу корисни за здравјето бидејќи го стимулираат стареењето на блиските клетки, кои се изложени на ризик да станат канцерогени и го привлекуваат имунолошкиот систем да ги исчисти клетките на ракот.
– Но тие исто така придонесуваат за болести бидејќи го нарушуваат заздравувањето на ткивата и функцијата на имунолошкиот систем бидејќи лачат хемикалии што промовираат воспаление и раст на туморот – велат професорите Патриција Опреско и Рајан Барнс од Универзитетот во Питсбург, кои го водеа ова истражување.
Оксидативен стрес
Истражувачите сакаа да утврдат дали директното оштетување на теломерите може да биде доволно за да предизвика стареење и да создаде зомби-клетки. За да го постигнат ова, тие го ограничија оштетувањето само на теломерите со прикачување протеин на теломерите на човечките клетки одгледувани во лабораторија. Откриле дека директното оштетување на теломерите е доволно за да се претворат клетките во зомби, дури и кога заштитните капачиња не се скратени. Причината за ова, открија тие, веројатно, е резултат на нарушена репликација на ДНК на теломерите, што ги прави хромозомите уште поподложни на оштетување или мутации.
Зошто е важно тоа?
Теломерите природно се скратуваат со возраста. Тие ограничуваат колку пати ќелијата може да се подели со сигнализирање да станат зомби кога ќе достигнат одредена должина. Но вишокот слободни радикали произведени од нормалните процеси на телото, како и од изложеноста на штетни хемикалии, како што се загадувањето на воздухот и чадот од тутун, може да доведе до состојба наречена оксидативен стрес, што може да го забрза скратувањето на теломерите. Ова може да предизвика предвремено стареење и да придонесе за болести поврзани со возраста, вклучувајќи имунодефициенција, кардиоваскуларни болести, метаболички болести и рак.
Оваа студија открива дека теломерите служат не само како будилник што покажува дека клетката е поделена премногу пати, туку и како предупредувачки ѕвона за штетното ниво на оксидативен стрес.