Дека музиката ги спојува луѓето доказ е соработката на двајца млади пејачи од Македонија и од Босна и Херцеговина што ќе настапат на годинешниот „Охрид фест“. Се запознале на регионалното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, каде што Александар Јосифовски го освои второто место, а Белма Хусеинефендиќ беше пласирана меѓу првите десет. Нивните таленти, енергии и музиката што ја имаат во вените се споија во дует, а заедничката песна ќе има премиера на Интернационалната вечер на 29. издание на „Охрид фест“ што ќе се одржи на 3 септември. Песната што ќе ја изведат се вика „Глупаво е да си сам“, а ја потпишуваат Горан Шарац – музика, Огнен Неделковски – текст и Александар Валенчиќ – аранжман.
– Со Белма се знаеме од предминатата сезона и веднаш посакавме да направивме нешто заедно, секоја средба кулминира со муабет за дует, кој, еве ќе се случи на „Охрид фест“. Штом Горан Шарац ми ја пушти песната, си реков, тоа е тоа! Му благодарам што се сети на нас, што, еве, музички ги спојуваме Македонија и Босна и со здружени сили очекуваме добар повратен ефект од публиката – вели Александар.
Белма веднаш го прифатила предлогот за соработка и пред да ја слушне песната. Снимањето се одвивало во Босна и во Македонија и двајцата се презадоволни од финалниот звук и едвај чекаат да настапат во Охрид.
Спотот ќе се снима во септември.
– „Глупаво е да си сам“ ќе се снима и за „Гранд продукција“, во српска верзија, но најважно од сѐ е што премиерата на песната, за која уште отсега многу се зборува, е на „Охрид фест“ – велат Александар и Белма.