Јапонскиот министер за дигитална технологија, Таро Коно, им објави „војна“ на флопи-дисковите и на другата застарена технологија што се користи во институциите во земјата. Околу 1.900 владини процедури сè уште бараат компаниите да користат уреди за складирање податоци, како и цедеа и минидискови. Тоа е она што министерот Таро има намера да го промени, велејќи дека ќе се менуваат законите за луѓето да можат да користат онлајн услуги.
И покрај нејзината репутација како технолошки напредна земја, Јапонија е исто така позната по тоа што се потпира на застарена технологија во своите канцеларии. Флопи-дисковите настанале во доцните 1960-ти години, но ја изгубиле популарноста три децении подоцна благодарение на поефикасните решенија за складирање податоци. Потребни се повеќе од 20.000 типични дискови за да се замени обичен мемориски стик со 32 гигабајти меморија. Но наследството на флопи-дискот сè уште живее, а неговиот изглед беше инспирација за традиционалната икона „зачувај“.
Комитетот на јапонската влада откри дека има околу 1.900 полиња во кои компаниите се обврзани да користат флопи-дискови.
За време на прес-конференцијата, Коно ја критикуваше земјата дека се потпира на застарена технологија.
– Сакам да се ослободам од факс-апаратите и се прашувам каде денес луѓето купуваат флопи-дискови – рече министерот.
Ова не е првпат Јапонија да се најде на насловните страници за своите „аналогни навики“, што е парадокс со оглед на иновациите што се случуваат во оваа земја. Понудени се различни објаснувања, вклучувајќи слаба дигитална писменост и бирократска култура со конзервативни ставови.
Признанието на јапонскиот министер за сајбер-безбедност дека никогаш не користел компјутер ја шокираше земјата во 2018 година. Тој додаде дека проследува ИТ-задачи на своите вработени.
Последниот давател на услуги за пејџер во Јапонија престана со работа во 2019 година, а последниот приватен претплатник објасни дека тоа е неговиот претпочитан метод на комуникација за неговата мајка.
Американските функционери користеа и флопи-дискови за управување со нивното нуклеарно оружје во 2010-тите, но таа практика оттогаш беше постепено укината.