Новото издание на изложбата на македонска мода и дизајн „Слоускејпс“ во културно-социјалниот простор „Центар Јадро“ почнува утре и ќе трае до 2 октомври. Изложбата ќе даде приказ во работата на современите македонски дизајнери, истакнувајќи ги нивните практики што придонесуваат кон заштита на нашата средина и подобра иднина. Ќе бидат претставени најновите колекции на нашите дизајнери, чиј производ е препознатлив по рачната изработка и трансформацијата на македонската занаетчиска традиција во современ производ. Спротивставувајќи им се на „брзата мода“ и прекумерното трошење, изложбата исто така ќе има цел да ја едуцира и поддржи публиката да започне да консумира свесно и одговорно.

За ова издание беше објавен отворен повик, а стручното жири ги одбра следните брендови и дизајнери: „Лудус“, Марта Пејоска, „My Precious“, „Армма“, Ксенија Котев и Нина Нине. „Лудус“ ќе ја претстави актуелната колекција за есен-зима 2022/2023, со наслов „Постродовост 6“, која ја зајакнува темата на елиминирање на родовите улоги и ги преиспитува концептите на женственост и машкост во нашето општество.

„Сензација“ е најновата колекција на Нина Нинеска, која се состои од композиции од рачно виткана неоксидирачка жица, која се преплетува околу бисерот и ја претставува сензацијата што е иницирана од убавината. Ксенија Котев креира модерни парчиња накит од рециклирано сребро. „Тога Пула“ е насловот на колекцијата на Амра Исмани. Новата колекција „Риби“ на Марта Пејоска се занимава со водата, односно езерото како главен инспиративен момент.