Отворениот конкурс на „Лузер фест“ за пријава на демо-изведувачи заврши, а селекцијата на финалистите е направена од безброј апликации на млади таленти! Познати се имињата на групите што ќе се натпреваруваат на 3 декември со почеток од 20 часот, во Младински културен центар – Скопје.
– Во конкуренција да бидат најдобрите, имаме осум бенда што ни се придружуваат од повеќе краеви од Македонија, и тоа „Беседа“ од Куманово, метал-група што создава моќен звук што ги пробива човечките емоционални граници, „Халфгад“ од Кичево, кои не можат да го одредат својот звук и го опишуваат едноставно како „халфгад“, „Ендемски вид“ од Кавадарци, прераснати од кавер-група до авторски бенд, панк-рокерите од Велес „Оловна рестрикција“, „Џеф Бахами“ од Битола – музика на „професор“ по роботика и неговите хуманоиди, како и три групи од главниот град, хеви-метал бендот „Растејнд“, „Мензел“ – алтернативна рок-група на студенти што се наоѓаат според заедничкиот интерес кон уметноста, и „Харакири“ – проект на музичари од разни бендови што прават обид да го освежат концептот на рок-трио – соопштија од „Пасворд продакшн“.
Публиката и жирито, кое ќе биде непосредно објавено пред концертот, се оние што ќе го откријат победникот, и тоа со тајно гласање на вечерта на настанот. Имено, билетот по цена од 100 денари ќе важи и за гласачко ливче, на кое со заокружување на својот омилен изведувач ќе се одреди најдобриот.
Речиси 20 години традиционалниот предвесник на главната вечер на „Таксират фестивал“ го става фокусот на младите нови музичари, поттикнувајќи ги да ги покажат своите таленти и можност да продолжат да ја градат својата музичка кариера професионално. Со таа причина, како и досега, за најдобриот следува награда – снимање и издавање студиски албум во професионално студио, под етикетата на „Пасворд продакшн“.