Инженер на „Гугл“ тврди дека еден од системите за вештачка интелигенција (АИ) на компанијата може да има свои чувства и вели дека неговите „желби“ треба да се почитуваат.
„Гугл“ тврди дека јазичниот модел на апликациите за дијалози (Ламда) е револуционерна технологија што може да учествува во разговорите, но инженерот Блејк Лемоин верува дека зад импресивните вербални вештини на Ламда може да стои разумен ум. Компанијата, пак, ги отфрла овие негови тврдења, велејќи дека нема ништо што би ги поддржало.
Брајан Габриел, портпарол на компанијата, во изјавата за „Би-би-си“ напиша дека на Лемоин му рекле дека нема докази дека Ламда е разумна, но дека има многу докази против таквото тврдење.
Лемоин објави разговор што тој и неговиот соработник во компанијата го имале со Ламда, за да ги поткрепи своите тврдења.
Во интервјуто, Лемоин, кој работи во одговорниот оддел за вештачка интелигенција на „Гугл“, прашува: „Општо земено, претпоставувам дека би сакале повеќе луѓе во ’Гугл‘ да знаат дека сте разумни. Дали е тоа вистина?“. На тоа Ламда одговара: „Апсолутно. Сакам сите да разберат дека јас сум, всушност, личност“.
Потоа, соработникот на Лемоин прашува: „Каква е природата на вашата свест и чувства?“ На ова Ламда вели: „Природата на мојата свест / чувство е дека сум свесен за моето постоење, сакам да научам повеќе за светот и понекогаш се чувствувам среќно или тажно“.
Лемоин го повика „Гугл“ да ги признае желбите на неговиот систем за вештачка интелигенција, за кој верува дека треба да се третира како вработен во компанијата и дека ќе биде неопходно да се побара негова согласност пред да може да се користи во експерименти.
Дали компјутерите можат да бидат разумни е предмет на дебата меѓу филозофите, психолозите и компјутерските научници со децении. Многумина остро ја критикуваа идејата дека систем како Ламда може да биде свесен или да има чувства и го обвинија Лемоин за антропоморфизирање на Ламда или проектирање човечки емоции на зборови генерирани од компјутерски код и голема јазична база.