Втората интернационална берза на винили „Кочани 2022“ ќе се одржи на 10 јули. Организаторите и овој пат подготвија богата програма. Освен понудата на плочи, посетителите ќе можат да ја погледнат и изложбата „Македонските бендови на насловните страници на печатените медиуми во Македонија“, која ја подготви Македонскиот музички архив. Исто така ќе се одржи и промоција на енциклопедијата „Хрватскиот панк и нов бран 1976-1987“ – со присуство на авторот Винко Бариќ, а ќе има и концерт и уште некои други настани, за што следуваат дополнителни информации.
Ова е убава можност за семејна прошетка до Кочани, каде што освен посета на споменативе настани, можете да ги разгледате локалните туристички локалитети: браната Гратче, планинското одморалиште Пониква, Кочанските Водопади, Споменикот на слободата (со прекрасниот мозаик на Чемерски), археолошките ископувања во с. Мородвис, Виничкото кале, Етнокуќата во Кочани, Феудалната кула.