Американскиот милијардер Илон Маск го претстави најновиот прототип на хуманоиден робот развиен од компанијата „Тесла“. Станува збор за роботот наречен Оптимус, кој беше претставен на настан во Силиконската Долина. Маск рече дека роботот сѐ уште е во фаза на развој, но дека би можел да се најде во продажба за неколку години. Роботите на „Тесла“ за масовниот пазар ќе бидат тестирани со извршување различни задачи во фабриката за производство на електрични автомобили.

На публиката ѝ беше прикажано и видео на кое се гледа како Оптимус изведува различни едноставни задачи како што се наводнување растенија, носење кутии и кревање метални шипки. Маск рече дека роботите ќе бидат масовно произведени и ќе чинат помалку од 20.000 долари. Продажбата треба да започне за три-пет години.
– Навистина е клучно да се трансформира цивилизацијата – рече Маск.

Инвеститорите и финансиските аналитичари се скептични за одлуката на „Тесла“ да се занимава со роботика и ја советуваа компанијата да се фокусира на проекти поблиски до нејзината основна дејност, а тоа се електричните автомобили. Но Маск рече дека сака да реши еден од најголемите проблеми во вештачката интелигенција со тоа што ќе создаде машина што ќе може да го замени човекот. Тој претходно предупреди дека вештачката интелигенција е закана за човештвото, но сега вели дека сака да премине во општество каде што роботите ќе ја вршат работата, а луѓето ќе ги собираат наградите. Ваквата иднина тој ја смета за безбедна.
– Секогаш сме внимателни и не сакаме да одиме по патот на Терминатор – рече тој, правејќи споредба со убиецот киборг од познатите филмови.

Маск додаде дека „Тесла“ ја зема предвид безбедноста, а еден од начините е копчето стоп со кое не може да се манипулира.