Поминаа речиси 50 години откако Индијанката од племето Апачи, Сачин Литлфедер, излезе на сцената на доделувањето на „оскарите“ во 1973 година за да објасни дека големиот холивудски актер Марлон Брандо не сакал да прифати да ја добие златната статуетка поради начинот на кој биле прикажани домородните Американци во филмовите. Американската академија за филмски уметности и наука се извини за понижувањето што таа го претрпи поради тој настап.
Филмскиот музеј на Американската академија соопшти дека на 17 септември, Сачин Литлфедер (Малиот Пердув), која сега има 75 години, ќе биде поканета на вечер на „разговор, исцелување и почит“, пренесува АП.
Кога Марлон Брандо освои „оскар“ за најдобар актер за улогата на Дон Корлеоне во култниот филм „Кум“ во 1973 година, Малиот Пердув излезе на сцената во индијански фустан, а на нозете имаше мокасини од еленска кожа, со што стана првата Индијанка што се појавила на свечената церемонија на доделување на најпрестижната филмска награда во светот.
Во својот говор, во траење од 60 секунди, таа објасни дека Брандо не сака да ја прифати наградата поради „начинот на кој филмската индустрија се однесува кон Индијанците, домородните Американци“.
Некои присутни во публиката потоа ја исвиркаа, а според сведоците на настанот, актерот Џон Вејн, кој таа вечер бил зад сцената, зовривал од гнев.
Сачин Литлфедер се сеќава дека поради нејзиното кратко појавување на церемонијата на „Оскарите“ во 1973 година, била изложена на долгогодишна дискриминација, потсмев и физички напади.
Во неодамнешното објавувањето на одлуката да се упати извинување упатено до оваа храбра жена, Академијата за филмски уметности и наука ги повтори зборовите на претседателот на Академијата, Дејвид Рубин, кој напиша дека говорот на Литлфедер е „моќно јавно обраќање, кое нѐ потсетува денес на неопходноста на почитување на човечкото достоинство“.
– Злоупотребата што ја претрпевте поради вашата изјава беше неоправдана. Емоционалната жртва што ја издржавте и цената што ја плативте за уништената кариера во нашата индустрија се непоправливи. Предолго, храброста што ја покажавте остана непризнаена. Најдлабоко ви се извинуваме – напиша Рубин.
Одговарајќи на писмото на Дејвид Рубин, Литлфедер рече дека е многу охрабрувачки да се види колку светот се променил на подобро, за разлика од пред 50 години, кога таа јавно одби да прифати да го земе „оскарот“ во име на Марлон Брандо.