Она што го посакуваа многу љубители на стрипови и филмови, но на кое не можеа премногу да се надеваат, сепак ќе се оствари – Хју Џекмен ќе се врати како Вулверин, пренесе „Вераети“.

Веста ја објави актерот Рајан Рејнолдс, самиот Дедпул, на својот твитер-профил, заедно со соодветно хумористично видео. Тој најави дека „Дедпул“ конечно ќе влезе во Марвеловиот филмски универзум (MCU) и дека следниот дел од оваа сага доаѓа за две години, а потоа се појави Хју Џекмен, кој на прашањето дали сака повторно да биде Вулверин, само одговара: „Во ред, Рајан, може“.

Претходно, Рејнолдс објави дека „Дедпул 3“ ќе биде само за возрасни, и покрај тоа што филмовите на МСУ се главно за целото семејство. Филмот ќе го режира Шон Леви, кој работеше со него на филмовите „Слободен дечко“ и „Проектот Адам“, а Рет Рис и Пол Верник, кои работеа на првите два филма за овој антихерој, ќе се вратат како сценаристи.

Да потсетиме, Хју Џекмен последен пат го толкуваше Вулверин во „Логан“, од 2017 година, и повеќепати напомена дека нема да се врати на оваа улога, па останува прашањето како ќе влезе во светот на Марвел. А исто така интересно е што Џекмен и Рејнолдс веќе соработуваа на не толку популарниот филм „Иксмен почетоци: Вулверин“, во кој беше видена првата, многу чудна верзија на Дедпул.