За многу луѓе целта на туристичкото патување е потрагата по сексуални авантури. Истовремено, меѓу жртвите на сексуалниот туризам има и малолетници. Сепак, многу туристички дестинации одбиваат да го решат овој проблем. Кога ќе падне ноќта, вистински реки од туристи течат низ улиците на Плаја де Палма, една од најпрометните области во Мајорка. Ова е време кога жените, кои главно доаѓаат од Нигерија, ги нудат своите услуги во близината на плажата. Клиентите најмногу доаѓаат од странство.
– Во секој случај, туристите ја зголемуваат побарувачката за сексуални услуги во Мајорка – објаснува Росио Лопез од „Доктори на светот“.
Оваа хуманитарна организација веќе неколку години води кампања за интересите на проститутките на островот. Инаку, во текот на летото ги има двојно повеќе од вообичаено.

Квартовите со црвени фенери стануваат атракции

Сексуалниот туризам е феномен што има многу форми и може да се најде во речиси секоја земја во светот – било да се тоа туристи во Мајорка, возачи на камиони во САД, деловни луѓе во Берлин, Манила и во Рио де Жанеиро или туристи на бродови за крстосување во Доминиканската Република. А Европејките купуваат сексуални услуги на плажите во Кенија.
– Еротиката и сексуалните авантури се мотив за патување за некои туристи – вели Антје Моншаузен од непрофитната организација „Леб за светот“. Не е случајно што квартовите со црвени фенери, како оние во Амстердам, се вистинска туристичка атракција.
Проституцијата е бизнис вреден околу една милијарда долари само во Шпанија. Десетици илјади жени работат како проститутки низ целата земја. Никој со сигурност не знае колку ги има, бидејќи станува збор за услуга што не е регулирана со закон. Според процените на хуманитарната организација АПРАМП, Шпанија е прва земја во Европа кога станува збор за користењето сексуални услуги, а трета во светот, по Тајланд и Порторико. Туризмот овде игра голема улога.
– Неетички е да се искористат предностите на односите во кои едната страна е зависна од другата – посочува Моншаузен.
Луѓето на патувања, вели тој, посветуваат помалку внимание на социјалните норми, консумираат алкохол и сакаат да излезат од конвенционалниот начин на живот.
Постои голем јаз меѓу однесувањето на туристите и на локалното население.
До каде може да оди сето ова покажува неодамна откриениот случај на трговија со луѓе на Мајорка. Полицијата откри шверцери на луѓе што ги терале жените да работат на улица за да се отплатат долгови од неколку илјади евра.
Според извештајот на „Доктори на светот“, околу 95 отсто од сите проститутки во Шпанија се од мигрантско потекло. Тие немаат дозвола за престој и затоа не можат да се вклучат во редовната работа.
– Да се ​​каже дека овие жени доброволно се занимаваат со проституција не е точно. Тоа би значело дека тие, всушност, имаат избор – вели Росио Лопез.

Пандемијата го зголеми ризикот за малолетниците

Особено голем проблем со секс-туризмот е експлоатацијата на малолетниците, што се случува во многу земји во светот. Не станува збор само за криминални педофили, објаснува Џозефин Хаман од организацијата ECPAT за помош на децата. Голем е бројот на туристи што немаат такви тенденции, туку едноставно ја користат можноста за анонимност во странство.
Џозефин Хаман оценува дека оваа појава дополнително ќе се прошири, бидејќи се зголемува притисокот за заработка, што го зголемува ризикот за децата.
– Иако свесноста за проблемот со сексуалната експлоатација е присутна во туристичката индустрија долго време, тоа „сè уште е проблем што многумина не сакаат да го земат предвид – тврди Џозефин Хаман.
И Антје Монхаузен од организацијата „Леб за деца“ смета дека треба да се направи многу повеќе. Ретко која земја, која е популарна туристичка дестинација, сака агресивно да се занимава со ова прашање, бидејќи никој навистина не сака да биде етикетиран како дестинација за секс-туризам.
Во Мајорка за проблемот не се разговара јавно. И додека топлес-баровите и другите клубови во Плаја де Палма отворено бараат заинтересирани туристи, полицијата се брани со тврдењето дека ги контролира сексуалните работници на улиците.
– Треба да се направи многу повеќе за да се издигне свеста, особено кај туристите – вели Росио Лопез од „Доктори на светот“.
Сепак, нешто може да се промени во меѓувреме: шпанската влада планира да ги заостри казните за оние што бараат сексуални услуги.