Институтите „Гете“ од Атина, Анкара, Белград, Истанбул, Измир, Скопје, Софија, Солун и од Тирана ќе нудат многубројни настани во онлајн и офлајн формат во регионот. Тие ќе бидат наменети за младите и нивните родители, како и за наставници и други заинтересирани лица. Конкретно, преку интервенцијата „Проѕирниот човек“,институтите „Гете“ во Југоисточна Европа им се обраќаат на младите и нивното опкружување за да ја поттикнат нивната медиумска и информациска писменост и препознавање на феномените како сајбер-булинг, идеали за убавина, лажни информации и онлајн зависност.
Интервенцијата „Проѕирниот човек“ ќе се отвори на 25 октомври, во „Јавна соба“, во присуство на проектните партнери, каде што со поздравен говор до присутните ќе се обратат амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и со тоа ќе го означат почетокот на иницијативата.
Во двете последователни недели ќе може да се види изложбата „Што сака иднината“ на берлинската невладина организација „Тактикал тех“, која беше создадена заедно со млади од Македонија и други земји од регионот. Преку јазик и дизајн соодветни за млади, изложбата се надоврзува на животната реалност на многу млади. Со тоа „Што сака иднината“ ги мотивира младите интерактивно да се осврнат на актуелните теми од виртуелниот свет.
– Оваа интервенција е поттикната од неизбежната нова реалност, каде што информациите на интернет се шират брзо и лесно. Степенот на општествено, политичко и културно влијание на овој феномен остава трага врз секојдневието во многу земји во Југоисточна Европа и во светот. Личности од политиката и стопанството се обидуваат со помош на целно користење информации да се позиционираат и да остварат добивка – често на сметка на заштитата на податоци и приватноста на луѓето. Луѓето честопати се повикуваат на непроверени извори и на тој начин создаваат лажни информации, кои набрзина стануваат вирални и делумно имаат фатални последици врз граѓанското општество – велат организаторите.
За време и по изложбата, која ќе трае до 4 ноември, заедно со граѓанската организација „Метаморфозис“ ќе има работилници за млади и наставен кадар, разговори со експерти, настани од информативен карактер за родители, анонимни советувања од страна на специјалисти за млади, натпревари и регионални средби за млади.