Американската издавачка куќа „Меријам Вебстер“ го избра „гаслајтинг“ за збор на 2022 година. Овој збор може да се дефинира како излудување, односно психолошка и емоционална манипулација на друго лице. Целта на насилникот е личноста да почне да се сомнева во сопствената вредност и ставови.
Бројот на пребарувања за овој збор на страницата „Меријам Вебстер“ се зголеми за 1.740 проценти во споредба со 2021 година.
– Многу сме изненадени колку овој збор стана популарен во англискиот јазик, особено во последните четири години – изјави за „Асошиејтед прес“ Питер Соколовски, главен уредник на „Меријам Вебстер“.
Излудувањето е тактика што често ја користат напаствувачите во љубовните врски. Го користат и политичарите, со оглед на тоа дека е идеален начин за измама на јавноста.
Зборот „гаслајтинг“ првпат бил употребен во 1938 година, во драмата „Гас лајт“, која ја напишал Патрик Хамилтон. Филмот „Гаслајт“ од 1944 година е базиран на оваа претстава.
Постои и терминот „медицинско излудување” (medical gaslighting), кој опишува ситуација кога медицинско лице ги игнорира симптомите на болеста на пациентот и му кажува дека сето тоа е во неговата глава.