Во малата населба Фугереј, која се наоѓа во Аугсбург, киријата е само 88 евроценти годишно. Оваа населба била изградена во 1516 година, од Јакоб Фугер Помладиот. Тој сакал таму да насели луѓе од Аугсбург што биле во послаба финансиска состојба. До 1523 година биле изградени 52 куќи, а потоа таму била изградена црква. Портите биле заклучени ноќе, па може да се каже дека Фугереј во тоа време бил независен град.
Условите за живеење во Фугереј се исти како и пред 500 години: освен малата кирија, треба да живеете во Аугсбург најмалку две години, да имате католичка вероисповед и лоша финансиска состојба, но без долгови. Портите сѐ уште се заклучуваат секоја вечер во 22 часот.
Станбените единици се со големина од 45 до 65 квадратни метри и личат на мали куќички. Становите имаат кујна, дневна соба, бања и спална соба. Оние на приземје имаат двор, а становите на кат имаат поткровје.
Туристите имаат можност да го посетат Фугереј. Една станбена единица е празна и служи како музеј. Во периодот од 1681 до 1694 година тука живеел масонот Франц Моцарт, прадедото на Волфганг Амадеус Моцарт. Во негова чест е поставена спомен-плоча.