Европскиот парламент усвои нови правила поврзани со воведувањето стандарден полнач за малите електронски уреди, како паметни телефони и таблети.
Новиот закон ќе стапи во сила есента во 2024 година, така што УСБ од типот Ц ќе биде стандарден за полнење паметни телефони, таблети, е-читачи, тастатури, компјутерски глувчиња, ГПС-уреди, дигитални камери, слушалки, рачни конзоли за игри и преносни звучници. Од 2026 година, УСБ-Ц ќе стане норма и за полначите за лаптопи. Законот беше усвоен со големо мнозинство, 602 гласа „за“, 13 „против“ и осум воздржани.
– Ова едноставно решение ќе заштеди илјадници тони електронски отпад секоја година, ќе го олесни континуираното користење на старата електроника, ќе го подобри искуството на потрошувачите и ќе ги намали непотребните трошоци – рече малтешкиот европратеник Алекс Агиус Салиба.
Тој се надева дека ЕУ ќе даде пример за остатокот од светот.
– Универзалниот полнач не е добар само за животната средина туку и за паричниците на потрошувачите. На овој начин ќе се заштедат најмалку 250 милиони евра годишно – тврди извршната потпретседателка на Европската комисија, Маргарет Вестагер.
Полначите создаваат меѓу 11.000 и 13.000 тони електронски отпад секоја година, покажуваат податоците на Европската комисија, а новите правила драстично ќе го намалат тоа количество. Меѓутоа, тој пад сепак е само капка во океанот од електронски отпад, бидејќи во 2019 година во ЕУ беа собрани вкупно 4,5 милиони тони.
Со години, производителите на паметни телефони се спротивставуваа на предлогот за стандардизирање на технологијата за полнење. Пред десет години, индустријата постигна договор со комисијата и се обврза да го намали бројот на различни технологии за полнење. Тоа доведе до одреден напредок, но сепак беше недоволен во очите на парламентот, кој во 2020 година ги удвои своите повици до комисијата да предложи закон за регулирање на ова прашање.
– Ова не е крајот на приказната. Мораме да ја следиме еволуцијата на технологиите за полнење. Ќе видиме дали ќе има потреба да се подобри искуството на потрошувачите, да се намалат трошоците и да се подобрат еколошките перформанси – рече Вестагер.
По стапувањето во сила на директивата, комисијата ќе има рок од две години да излезе со нови правила за регулирање и стандардизирање на технологиите за безжично полнење.
Трите институции на ЕУ се договорија за деталите од директивата за заеднички полначи уште во јуни. Владите на ЕУ сега мора да го дадат своето конечно одобрение, што се очекува за време на состанокот на Советот за животна средина закажан за 24 октомври. Потоа, законот ќе стапи во сила, а земјите од ЕУ имаат рок од шест месеци да го пренесат во нивните национални закони.