Експертите сѐ уште не ја утврдиле вистинската причина за оваа појава, но факт е дека
топлотните бранови стануваат сѐ посилни и почести

Топлотните бранови стануваат поинтензивни, почести и траат подолго поради климатските промени, особено во Европа, предупредуваат научниците, истакнувајќи дека Стариот Континент се загрева од три до четири пати побрзо од остатокот од копното во истата климатска зона. Високите температури летово урнаа рекорди на континентот, достигнувајќи околу 40 степени Целзиусови или над 40 степени Целзиусови во поголемиот дел од Западна Европа.
– Гледаме зголемување на бројот на топлотни бранови и на нивниот интензитет – изјави климатологот во Француската лабораторија за клима и животна средина Роберт Вотар за „Гласот на Америка“.

Топлотните бранови секоја година убиваат десетици илјади луѓе

Топлотниот бран од 2003 година уби повеќе од 70.000 луѓе, додека следните бранови во 2006, 2010, 2015, 2018, 2019 и 2020 година убиле десетици илјади. Во просек, температурата сега е и до 1,99 степен Целзиусов повисока отколку во прединдустрискиот период, а Европа се загреа речиси двојно повеќе од глобалниот просек од 1,1 степен Целзиусов.
– Последните топлотни бранови покажаа дека температурите во Европа биле од три до пет степени повисоки отколку во периодот пред климатските промени. Навистина не знаеме зошто имаме толку непредвидливо зголемување на температурата. Моделите за прогноза лесно предвидуваат зголемување од 1,5 до два степена на топлотните бранови, но не можат да предвидат четири степени. Навистина неверојатно – изјави францускиот климатолог.
Дим Кумо, климатолог од Универзитетот „Врије“ во Амстердам, вели дека Европа се загрева од три до четири пати побрзо од другиот дел од земјата во истата климатска зона.
Климата во Европа е формирана и од воздушната струја што брзо се движи од запад кон исток на северната хемисфера. Научниците веруваат дека топлотните бранови годинава се засилени поради сувата почва предизвикана од сушите.
– Влажната почва ја одбива топлината. Кога почвата што е нормално влажна ќе се исуши, имате намалено испарување на водата од растенијата или директно од почвата. Тој процес нормално користи многу енергија, а ако тоа не се случи поради исушената почва, тогаш таа енергија почнува да го загрева воздухот – објаснува научничката Соња Сенервитан од Цирих.

Забавување на главната океанска струја во Атлантикот

Забавувањето на главната океанска струја во Атлантикот, исто така, може да придонесе за топлотни бранови во Европа. Таа струја ја загрева водата на север и носи студена вода од длабочините кон југ. Климатските модели предвидуваа дека струите ќе го забават затоплувањето.
– Не сме 100 проценти сигурни, но има показатели дека струјата се забавува во последните децении – вели физичарот Левке Цезар од Универзитетот „Мејнут“ во Ирска.
Забавената океанска струја може да го олади Северниот Атлантик и да предизвика промени во воздушните струи за да донесат уште потопол воздух во Централна Европа, што може да значи повеќе топлотни бранови. Научниците се согласуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се утврди зошто Европа толку брзо се загрева. Јасно е, велат, дека летата во Европа ќе бидат сѐ потопли и пожешки.