Поп-пејачот Елтон Џон следното лето за последен пат ќе настапи во Велика Британија, на познатиот музички фестивал „Гластонбери“, во рамките на големата светска проштална турнеја.
Британскиот музичар рече дека појавувањето на сцената „Пирамида“, на последната вечер на фестивалот во 2023 година, ќе биде совршен начин да ѝ оддаде почит на Британија. Џон (75) се ближи кон крајот на светската проштална турнеја, која ја организира по повеќе од 50 години кариера.
Елтон Џон е еден од најпродаваните уметници на сите времиња, со продадени повеќе од 300 милиони плочи, а никогаш досега не настапил на голем музички фестивал во Велика Британија.
Пејачот го имал својот прв голем хит во 1970 година, истата година кога се одржал првиот фестивал „Гластонбери“ во југозападна Англија, кога билетите чинеле една фунта и се пиело бесплатно млеко од фармата.
Билетите за настанот во 2023 година се распродадоа за нешто повеќе од еден час, а прошталната турнеја требаше да трае од септември 2018 до 2021 година, на пет континенти и со повеќе од 350 претстави, но беше презакажана поради пандемијата и проблемите со колковите на Џон.