Биографот Клаус Вивег, истражувајќи го германскиот филозоф Хегел, откри огромен куп претходно недокументирани предавања што би можеле да ги променат перцепциите за една од водечките фигури во модерната западна филозофија. Повеќе од 4.000 страници белешки од предавањата на Георг Вилхелм Фридрих Хегел беа пронајдени од Вивег во библиотеката на надбискупијата Минхен и Фрајзинг, пренесува „Гардијан“.
– Откривањето на овие ракописи може да се спореди со пронаоѓање нова музика на Бетовен или со досега невидена слика на Констабл – вели Вивег, професор на универзитетот „Фридрих Шилер“ во Јена, Германија.
Тој вели дека раното читање на белешките сугерирало ново разбирање за тоа како Хегел ги формирал своите влијателни идеи за естетиката, филозофијата околу убавината и уметноста и како ги анализирал делата на Шекспир за да помогне во развојот на неговите идеи.
Се верува дека преписите се напишани од Фридрих Вилхелм Карове, еден од првите студенти на Универзитетот во Хајделберг на кој предавал Хегел во времето кога филозофот престојувал таму помеѓу 1816 и 1818 година.
Идеите и делата на Хегел се познати по нивната огромна тежина. Британскиот филозоф Бертранд Расел го опишал како најтешкиот за разбирање од големите филозофи.
Вивег се надева дека новото откритие може да донесе одредена јасност.
Тим меѓународни експерти предводени од Вивег и од Кристијан Илијс, професор по филозофија на Универзитетот во Бамберг, сега ќе ги состават трудовите во издание со коментарите.
– Главните делови од работата на Хегел се познати само преку неговите предавања, така што научниците долго време се обидуваат да најдат преписи. Неколку беа пронајдени и објавени во 19 и 20 век, но со текот на годините откривањето нов материјал станува сè помалку веројатно – вели Илијс.
Георг Вилхелм Фридрих Хегел е роден во Штутгарт во 1770 година, а починал во Берлин во 1831 година. Тој е една од централните фигури на германскиот идеализам.