Драган Бјелогрлиќ почесен професор на „Еуропа прима“

Интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ – Скопје го одржa својот прв академски час, со свечена церемонија на доделување индекси на новите студенти од генерацијата на студиската 2022/2023 година. Почесен гостин на првиот академски час беше прославениот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ, кој на оваа церемонија беше прогласен за почесен професор.

Наедно на Драган Бјелогрлиќ му беше врачена и престижната награда „Еуропа прима 2022“ од фестивалот на Југоисточна Европа „Сее филм фестивал – Париз, Берлин – Вашингтон“.

Драган Бјелогрлиќ е еден од најголемите српски актери, режисери и продуценти. Покрај успешната актерска кариера, која трае 40 години, во последните две децении тој се посвети и на продукција и режија на филмови и ТВ-емисии, со што стана еден од најпознатите и најуспешни кинематографски творци во целиот регион. Како актер, оствари над 90 улоги во филмови и ТВ-серии. Режирал три филма што донеле 2.500.000 гледачи во кината, што го прави најуспешен режисер на Балканот во последните десет години.