Едно од најновите истражувања покажа дека дождовницата во речиси секој дел од светот содржи опасни количества постојани хемикалии. Супстанциите перфлуороалкил и полифлуороалкил припаѓаат на голема група вештачки хемикалии што не се појавуваат во природата. Тие се познати како трајни супстанции, бидејќи не можат да се разградат во природата. Тие се користат во пакувања за храна, електронски уреди, козметика и садови. Истражувачите од Универзитетот во Стокхолм забележале дека овие супстанции се присутни и во дождовницата, речиси во секој дел од светот. Антарктикот не е исклучок. Споменатите супстанции имаат значително негативно влијание врз квалитетот на водата. Меѓу нив се и перфлуорооктаноичните киселини (ПФОА), за кои се наведува дека предизвикуваат рак.
Иан Казинс, кој го водел споменатото истражување, посочи дека дождовницата насекаде во светот не е безбедна за пиење доколку се земат предвид стандардите на САД, кои го одредуваат нивното максимално количество.
Тој истакна дека луѓето во повеќето индустриски земји не пијат дождовница, но во многу делови од светот има и такви што ја пијат, очекувајќи дека водата не е опасна по здравјето. Анализирано е и колку наведените материи се опасни по здравјето. Така, тие се поврзани со нарушувања на плодноста, зголемен ризик од рак и тешкотии во развојот на децата. Од друга страна, некои веруваат дека не може да се докаже причинско-последична врска помеѓу овие хемикалии и нарушеното здравје. И покрај тоа, некои бараат построги забрани за ПФАС, пренесува „Еуроњус“.