Дождот може да стане клучен ресурс за заштита на градовите од недостигот од вода. Холандската компанија „Вавин“ веќе работи на тоа, а нејзиниот директор Фрисо Клапвијк објасни за што станува збор. Тој е директор во одделот што се занимава со прашањето за отпорноста на градовите на климатските промени.
– Единственото нешто што го правиме кога ќе почне да врне е да го отвориме чадорот и водата само да тече во сливниците, што спречува поплавување. Чудната работа во природата е што таа го апсорбира дождот и го користи за дрвјата и растенијата. А тоа е она што треба да го направиме и ние, да го одржиме водниот циклус каков што го знаеме во природата и да го воспоставиме во градовите. Неопходно е да се задржи дождовницата и повторно да се користи во градовите – нагласи тој.
Компанијата „Метрополдер“, која неодамна ја купи „Вавин“, прави зелени покриви на згради што ја апсорбираат и акумулираат дождовницата.
– Концептот што го развивме се заснова на холандскиот концепт на полдер, кој подразбира паметно користење и управување со водата. Тоа значи дека дождовницата се акумулира на покривот и нејзиното количество може да се контролира – објасни Клапвијк.
Секоја капка се користи за различни цели, од полевање зелени површини до ладење простории во згради.
– Водата за пиење ја користиме за различни намени, а може лесно да се замени со дождовница за ладење згради, во индустријата, како и во тоалетот за плакнење на тоалетната школка или за перење алишта – посочи тој.
Климатските промени истовремено резултираат со поинтензивни врнежи и суши. Од друга страна, со растот на глобалната популација, потребата од вода е поголема. Затоа, управувањето со водите е едно од клучните прашања.