Мајкл Г. Вилсон навести дека следниот Џејмс Бонд ќе биде на возраст од триесетина години или малку повеќе. Осумдесетгодишниот продуцент, заедно со својата полусестра Барбара Броколи, е задолжен за изборот на замената на Даниел Крег како 007 и откри дека бараат ѕвезди на одредена возраст за таа улога.

Говорејќи на настан на БФИ по повод 60 години од филмовите за Џејмс Бонд, Вилсон истакна дека кастингот за новиот Бонд допрва треба да почне.
– Во минатото се обидувавме да гледаме помлади луѓе. Но обидот да го визуализираме тоа не функционира. Бонд е веќе ветеран. Имал одредено искуство. Тој е човек што поминал низ војните, така да се каже. Тој, веројатно, бил во САС или нешто слично. Тој не е некое дете од средно училиште што можеш да го донесеш и да почнеш. Затоа треба да има барем триесет и нешто – вели тој.

Вилсон откри дека сцената на заведување во филмот „Од Русија со љубов“ (1963), во која Шон Конери ја наоѓа советската воена службеничка Татјана Романова (ја глуми Даниела Бјанки) во неговиот кревет, секогаш се користи за испитување на оние што сакаат да го глумат префинетиот шпион.

Продуцентот објасни: „Секогаш ја користиме истата сцена… а тоа е онаа во ’Од Русија со љубов‘, каде што Бонд се враќа во својата соба по атентатот и почнува да ја соблекува кошулата за да се искапе. Тогаш тој слуша нешто, го зема пиштолот, влегува… и девојката е во креветот“.